Женската репрезентација на Македонија има реми на пауза против Полска, 10:10, во реванш натпреварот за пласман на Светското првенство 2025. Одбраната на нашата репрезентација беше главната одлика во текот на целите 30 минути, а свој удел имаше и голманката Јована Мицевска, која не дозовлуваше лесно да биде совладана.
Остануваат надежите дека може да се стигне до победа, па и да се брка негативата од четири голови од првиот меч кога со одлични последни десет минути од натпреварот Македонија намали на 18-22. Полната сала во Битола и дава „ветер во грб“ на мотивираните девојки на терен за триумф со кој по 18 години повторно би се вратиле во светскиот ракометен крем.
По неколкуте нереализирани напади на двете страни и ,,безброј” грешки, првиот гол на натпреварот го постигна Полска преку искусната Кобилинска за 1:0 во 5-та минута, а минута подоцна Олек погоди за 2:0. Македонија преку Дамјановска го постигна првиот гол за 2:1, но гостинките бргу возвратија за 3:1.
Одбраната на нашата репрезентација делуваше според посакуваното, па така избраничките на Грчевски израмнија на 3:3. По десет минути игра резултатот беше 4:4.
Следуваше период на грешки, во три ситуации Македонија не ја искористи шансата за предност, а кон средината на првиот дел гостинките реализираа за 5:4. Откако Македонија пропушти два напади за израмнување, репрезентацијата на Полска зголеми на плус два, 6:4.
Сепак, ниту гостинките не играа како што треба и „црвено-жолтите“ со два гола во низа израмнија на 6:6. Мицевска влезе во елемент, по нерешените 7:7, одбрани пенал, а Младеновска во следниот напад погоди за првото водство на Македонија, 8:7.
На три минути пред крајот на првиот дел, незгодна повреда заработи Ангела Јанкуловска. Ракометарките на Полска ја вратија предноста, поведоа со 9:8, нашите ракометарки израмнија на 9:9, во последната минута двете репрезентации постигнаа по еден гол, па по 30 минути игра беше 10:10.