„Македонија има богата ракометна култура, но ние нема што да загубиме“

Една од селекциите што ќе бидат ривали на Македонија е Гвинеја. Африканскиот тим е дебитант на големите натпреварувања и тотална непознаница за ракометната јавност.

Најголем дел од ракометарите на Гвинеја играат во Втората или пониските лиги на Франција. Селекторот го сменија на три недели пред СП и сега ќе ги води Кевин Деко.

„Кулминација за нас е настапот на СП 2025, но ни сме во тешка група со европските селекции кои се навикнати на големи натпреварувања. Македонија е нација со богата ракометна култура, со врвни клубови како Вардар кој ја освои титулата во Лигата на шампионите, а што се однесува до Холандија, тие имаат квалитетни играчи како Лук Стеинс кој игра за ПСЖ. Унгарија ќе биде фаворит во групата, тим кој секогаш завршува меѓу осумте најдобри. Ние ќе играме без никаков комплекс и одиме со мотото дека нема што да загубиме, а можеме многу да добиеме. Светското првенство со својата историја и нивото на игра ќе биде голем предизвик, но и можност да докажеме дека имаме свое место меѓу најдобрите“, изјави Деко.

Гвинеја и Македонија ќе играат во третото коло до групната фаза на Мундијалот на 19 јануари од 18:00 часот.