Екипата на Македонија ЃП продолжува победнички во прволигашката конкуренција, откако во натпревар од 5. коло од групата Б дојде до победа над Скопје, триумфираше со 36:27.
Победникот на овој натпревар беше познат уште по првиот дел, кој го доби домаќинот со 11 гола разлика, 19:8, а во вторите 30 минути немаше поголема промена на теренот.
Најзаслужни за четвртиот сезонски триумф на Македонија ЃП беа Мартин Бучуковски и Марко Станојоски, двајцата постигнаа по девет гола во мрежата на гостинот.
Голманот на Македонија ЃП, Никола Таневски, имаше забележителна партија, натпреварот го заврши со 15 одбрани.
Кај Скопје листата на стрелци беше предводена од Андреј Тркалевски со седум и Александар Антиќ со шест погодоци.
Ракометарите на Аеродром се израдуваа на првата победа во Првата лига, откако пред својата публика славеа над Астраион од Струмица со 34:28 (20:15) во натпревар од 5. коло од групата А.
Аеродромци сега имаат три бода на свое конто, додека Астраион останува на нула. Избраниците на Дарко Петровски во следното коло ќе гостуваат кај Јехона, додека Астраион првите бодови ќе ги бара во натпреварот со Еурофарм Пелистер 2.
Предводник во победата на Аеродром над Астраион беше Андреј Ниновски, кој зад своето име запиша 11 погодоци, осум додаде Александар Ристовски, а пет запиша Благоја Зафировски.
Кај Астраион најрапсоложен беа Ристо Ѓоргиев и Христијан Ефтимов, двајцата ракометари постигнаа по шест погодоци, по пет реализации имаа Васе Наков и Кире Георгиев.
Предводен од Илија Пејковски и Христијан Сибиновски, тимот на Шампион го победи Вардар Неготино со 36:24 и се израдува на трета победа во новата сезона.
Гостинските ракометари капитулираа веќе во првиот дел, во кој постигнаа девет, а примија 22 гола.
Пејковски и Сибиновски беа предводници во победничката екипа со по десет погодоци, во поразениот табор се истакна Костадин Петров со девет погодоци.