Mакедонија Ѓорче Петров со прва плеј-оф радост

По поразот од Јехона во првата рунда, ракометарите на Македонија Ѓорче Петров ги освоија првите бодови во плеј-офот.

„Лавовите“ од Ѓорче Петров славеа на домашен терен против Шампион со 29-25, откако и на паузата имаа водство 15-12.

Гостинските ракометари одржуваа рамнотежа на теренот во првиот дел до 7-7, а потоа контролата ја преземаа избраниците на Дејан Коцев.

По 16-13, следуваше серија од четири гола на Македонија Ѓорче Петров за 20-13 и веќе немаше дилеми која екипа ќе ги освои бодовите.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Стефан Нацев со шест, како и Максимилан Ѓиноски и Матеј Марковски со по пет погодоци.

Во составот на Шампион, шест гола постигна Кристијан Трајковски, а по пет погодоци имаа Христијан Сибиновски и Давид Богоевски.

Македонија Ѓорче Петров во следната рунда ќе му гостува на Бисинов во Велес, додека Шампион ќе го пречека Драчево.