„Македонија е силна и во одбрана и во напад, но едно е сигурно – максимално ќе ги намачиме“

Машката репрезентација на Македонија вечерва го игра првиот натпревар од бараж пресметката со Словачка за пласман на Мундијалот во Германија во 2027 година.

Иако нашите ракометари важат за фаворити, словачките ракометари веруваат дека можат да приредат изненадување и по 16 години повторно да се пласираат на Мундијал.

„Македонија е силна и во одбрана и во напад. Имаат многу добри шутери и играчи еден на еден. Сепак, мислам дека ова е еден од поповолните противници за нас. Верувам дека ќе бидеме добро подготвени и максимално ќе ги намачиме“, изјави Марко Јуркович.

Неговиот соиграч Томаш Сметанка смета дека клучот за успехот ќе биде темпото на играта.

„Ќе биде тешко. Ние сме поинакви типови на играчи и немаме толку многу шутери од далечина. Клучот ќе биде да ги наттрчаме, како што направивме против Украина, и добро да играме во одбрана. Секако, и голманот мора да има свој ден“, истакна Сметанка.

Словаците добро знаат колку е блиску голем успехот. Последен пат настапија на Светско првенство во 2011 година.

„Ова е огромна мотивација за сите нас. Би било нешто посебно да се пласираме на Светско првенство, особено затоа што првиот натпревар го играме дома во Прешов. Македонците играат во најсилните европски лиги и имаат голем квалитет, но ние ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме“, порача Јакуб Кравчак од Татран Прешов.

Селекторот на словачката репрезентација, Фернандо Гурих, со голем респект зборува за Македонија пред првиот бараж натпревар за пласман на Светското првенство 2027. Според него, македонскиот тим поседува сериозен квалитет, особено во бековската линија.

„Имаат силни бекови, неколку одлични левораки играчи, врвни шутери и ракометари кои се опасни во игра еден на еден. Најважно е да имаме силна и компактна одбрана, а во нападот дисциплина. Не смееме да губиме топки, мора да трчаме во контри и да постигнуваме лесни голови. Ќе биде многу, многу тешко, но сигурно имаме шанса. Мора максимално да бидеме концентрирани и да одиме кон нашата цел. Добро знаеме какви навивачи има Македонија и сигурно ќе има нивна поддршка и во Прешов. Затоа ни е уште поважно да се слушаат словачките навивачи“, изјави Гурих.

Натпреварот меѓу Словачка и Македонија се игра вечерва од 19:00 часот во „Татран Арена“ во Прешов, додека реваншот ќе биде на програмата на 17 мај од 19:00 часот во СЦ „Борис Трајковски“.