Мацуока: Не ми фали ништо од Јапонија, во Охрид имам сè

Многумина беа изненадени кога пред почетокот на разигрувањето за титулата екипата на Охрид потпиша со јапонскиот репрезентативец Хироки Мацуока, но после три месеци од доаѓањето, 26-годишниот ракометар од „земјата на изгрејсонцето“ си го најде своето место во тимот крај Охридското Езеро.

Во Охрид доаѓа од Брно, Чешка, а пред тоа е дел од тимот на Осаки Осол, Јапонија, каде во 2022/2023 е избран за МВП на јапонската лига.

За младиот ракометар интерес покажаа многу европски екипи, но охриѓани ја добија битката за негово ангажирање.

Возбуден сум со доаѓањето во Охрид, преубав град, големо езеро, фасциниран сум, вели Јапонецот во разговорот за 24 Ракомет.

„Многу ми се допаѓа градот, уживам во прошетките покрај езерото. Луѓето се топли, срдечни, гостопримливи, те поздравуваат на улица. Се чувствувам многу удобно во новата средина, соиграчите веднаш ме прифатија. Тука ракометот е спорт број еден и задоволство е да се игра во таква земја. Воодушевен сум од љубовта која навивачите ја имаат за клубот. Јас ќе дадам се од себе за овој тим да има успех и се надевам дека нема да ги изневерам“.

Градот и клубот не се толку познати за јапонскиот репрезентативец кога се одлучува да дојде во Охрид. Нешто слична е и ситуацијата со македонската лига воопшто и останатите тимови.

„Да бидам искрен не знаев многу за клубот и градот пред да дојдам овде. Гледав некои снимки од натпреварите на Охрид, и единствено само тоа ми беше како запознавање. Имав слушнато само за Вардар како двократен европски шампион и ништо повеќе. Но, од она што го видов досега можам да кажам дека македонското првенство е многу квалитетно, со многу силни екипи“.

На нашето прашање дали Охрид има шанси за пласман во топ 3, јапонецот кратко и без размислување одговори:

„Ќе бидеме шампиони“.

Со оглед на густиот распоред и професионалните обврски, Мацуока, вели дека нема многу слободно време, но кога е надвор од ракометниот терен сака да го истражува градот, да прошета покрај езерото и да ужива во добро кафе со неговата девојка која го придружува во Охрид и која му е најголема поддршка. Му се допаѓа храната, а научил и неколку зборови на Македонски, како што се „здраво“, „кај си бе“.

„Секогаш кога е убаво времето и имам слободно време се трудиме да одиме во природа, да уживаме во убавините на Охрид. Многу ми се допаѓа македонската кујна, пробав неколку јадења, но најмногу ми се допаѓа скарата. Можам да кажам дека не ми фали ништо од Јапонија, бидејќи Охрид е многу убаво место“.

Пред екипата на Охрид викендов е предизвикот во Купот па го запрашавме Мацуока кои се неговите очекувања.

„Напорно тренираме и се подготвуваме за натпреварите во Купот. Во првиот натпревар против Скопје треба да влеземе сериозно и максимално фокусирано и да ја оправдаме фаворитската улога. Не смеме да потцениме никого, треба да ја изиграме нашата игра, да го спроведеме на теренот она што ќе ни го каже тренерот, а потоа во финалето да се надеваме деке ќе успеме да го изненадиме актуелниот шампион и лидер на табелата, Еурофарм Пелистер“.

Натпреварот меѓу Охрид и Скопје се игра на 23 март, сабота, со почеток од 10:30 часот, во спортската сала „Билјанини извори“. Доколку Охрид слави ќе игра против победникот од дуелот меѓу Еурофарм Пелистер и Куманово.