Лесјак: Покажавме дека можеме да се надигруваме против Кил, во Германија одиме со иста желба

Македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го очекува нов натпревар во Лигата на шампионите на гости кај бундеслигашот Кил.

Голманот Урбан Лесјак вели дека тој и неговите соиграчи покажаа дека може да се надигруваат против Кил на првиот дуел во Битола и посакува уште подобра претстава во Германија.

„Играме во најракометната земја во Европа, тие го покажаа тоа со ЕП во Германија. Имаат најдобра лига, екипите се силни, салите им се секогаш полни, па така ќе биде и во Кил. Знаеме дека не чека многу добар ривал. Одиме со ист мотив и сакаме да се претставиме подобро од првиот натпревар во Битола. Овој меч ќе биде одлична можност за нас, бидејќи мислам дека и ние се подобривме. Покажавме и на првиот меч дека можеме да се надигруваме со нив, бевме на „една топка“ да ја изненадиме ракометна Европа. Жал ми е што не извлековме подобар резултат тогаш. Ќе отидеме во Германија со иста желба за претставување во најдобро можно светло. Многу нешта ќе зависат од нас, мораме „машки“ да влеземе во секој дуел, да не се плашиме од ништо. Само така можеме да бидеме во егал и да се надеваме на нешто големо. Вербата и желбата мора да постојат од првата секунда, а потоа сѐ е можно. Физички сме во солидна кодиција, иако некогаш малку преовладува заморот. Сите сме искусни и ова темпо не е непознаница за играчите. Кил игра топло-ладно, зависи од неколку поединци, мора да ги запреме особено во првиот дел, да не дозволиме лесни голови“, вели Лесјак.

Словенечкиот голман се заблагодари на навивачите за поддршката на домашните натпревари.

„Драго ми е што имаме таква поддршка каква што имавме со ПСЖ и Вардар, сакам да упатам благодарност за прекрасната атмосфера што ја прават нашите навивачи. Секогаш полна сала е специјален мотив за секој спортист. Ракометот се игра за публика, ние уживавме на тие две средби“, заврши Лесјак.

Натпреварот меѓу Кил и Еурофарм Пелистер се игра во „Вундерино Арена“ со почеток во 18:45 часот.