Репрезентацијата на Црна Гора не успеа да обезбеди четврто учество по ред на Олимписките игри, откако не го помина квалификацискиот циклус завршувајќи на третото место во својата група.
Црна Гора за ривали во квалификациите ги имаше репрезентациите на Германија, Словенија и Парагвај. Очекувано, избраничките на Бојана Поповиќ беа поразени од Германија, го победија Парагвај и на балканското дерби против Словенија сами си ја решаваа својата судбина.
Словенија успеа да ја добие Црна Гора и како второпласирана репрезентација од третата група си обезбеди пласман на Олимписките игри во Париз.
Актуелниот селектор на Црна Гора, Бојана Поповиќ, убедена e дека црногорската репрезентација ќе игра на следните Олимписките игри, но од нејзините зборови може да се заклучи дека ќе се повлече од селекторската функција.
,,Ова е млада генерација која има перспектива, мора да учи од вакви натпревари за да почувствува како е. Искуството е бесценето, има уште многу години за играње, сите се млади, ќе имаат можност да го почувствуваат шармот на Олимписките игри бидејќи ова е еден добар тим, но и тим кој се држи заедно и горда сум што бев селектор на оваа репрезентација сите овие години”, изјави Поповиќ.
Црна Гора на Олимписките игри во Лондон (2012) играше во големото финале со Норвешка, го освои сребрениот медал, потоа четири години подоцна, односно на Олимписките игри во Бразил беше на 11. позиција, додека на Олимписките игри во Токио го освои 6-то место.