Легендарната До Насименто по 17 години повторно ќе заигра во Македонија

Екс репрезентативката на Бразил, Александра До Насименто, која во 2012 година од страна на ИХФ беше прогласена за најдобра ракометарка на светот, по пауза од 17 години повторно ќе заигра на македонските терени.

До Насименто заедно со шпанскиот Елче во недела против тимот на Ѓорче Петров ќе го одиграат реванш дуелот од четвртфиналето во Европскиот Куп. Елче на првиот натпревар оствари убедлива победа, триумфираше со 15 гола разлика, 36:21.

Легендарната До Насименто иако има 42 години, сепак, сѐ уште претставува вистинска закана. Во досегашниот тек од сезоната во Европскиот Куп постигна 24 погодоци и сигурно нејзиното големо искуство е од голема помош за шпанскиот тим.

Десното крило во Скопје последен пат играше во сезона 2007/08, кога со тогашниот нејзин тим Хипо гостуваа кај Кометал ЃП во рамки од групната фаза од Лигата на шампионите и обезбедија триумф од три гола разлика, 27:24.

Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Елле ќе се одигра утре со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Автокоманда“. Судии на реванш дуелот ќе бидат Франческо Симоне и Пиетро Монитило од Италија, а делегат Фахредин Хашани од Косово.

Бесплатен влезот за реванш дуелот меѓу Ѓорче Петров и Елче