Лазов: Со Куманово игравме како да играме со екипа која е прво место

Ракометарите на Тиквеш ја забележаа 9-та победа на домашен терен, односно дојдоа до десетти триумф во новата сезона, откако во натпревар од 11. коло од Супер лигата беа убедливи против Куманово со 37:21.

Избраниците на Никола Матлиески рутински ја одработија задачата и впишаа бодови со кои ја продолжуваат трката за првото место во групата А со тимот од Автокоманда.

За Тиквеш денешниот дуел со Куманово беше загревање за двата дерби дуели во следните две кола.

Солидна минутажа во дресот на Тиквеш доби и кадетскиот репрезентативец на Македонија, Мики Лазов, кој истакна дека неговиот тим одиграл според договореното.

,,Овој натпревар беше одличен, натпревар во кој нашиот тренер ни даде шанса на нас младите и на оние со помала минутажа. Бевме доволно подготвени за овој дуел, иако знаеме со каков состав располагаат Куманово, не ги потценивме, игравме како да играме со екипа која е прво место на табелата и тоа се виде по постигнатиот резултат”, изјави Лазов.

Младиот ракометар се надева дека во иднина ќе добива се поголема минутажа.

,,Јас ќе дадам се од себе на наредните дуели, пред се ќе почитувам тоа што ќе каже тренерот, се што вежбаме на тренинг ќе се обидам да го применам на натпреварите, очекувам во иднина повеќе минутажа и подобро да се развивам во овој клуб. Имам и малку позитивна треба, тоа мислам дека е сосема нормално на играч на мои години, се надевам дека се повеќе и повеќе ќе се кажува за моето име”, заврши Лазов.

Тиквеш следниот викенд ќе гостува во Охрид кај истоимената екипа, додека во рамки од 13. коло на свој терен ќе го пречека вицепрвакот.

Тиквеш со убедлива победа се загреа за дербито со Охрид