Босанскиот интернационалец Едвин Џелиловиќ полека се адаптира на новата средина во редовите на Еурофарм Пелистер. Десното крило од Тузла, кое потпиша тригодишен договор со битолскиот клуб, не го крие воодушевувањето од атмосферата во градот и амбициите со кои пристигна во Македонија.
23-годишниот ракометар истакна дека уште од првите денови почувствувал колку Битола живее за ракометот и порача дека целта на тимот е повторно да ја освои шампионската титула.
„Навистина изненаден сум колку градот е жив, колку живее за ракометот и навистина ми се допаѓа. Откако дојдов нема ниедна маана, сѐ е супер – од соиграчите до тренерот. Не треба да трошам зборови за Лино Червар и сите луѓе околу него. Задоволен сум. Лигата е силна, има четири конкуренти, но ние ќе дадеме сѐ од себе да бидеме подобри и да ја вратиме титулата таму каде што припаѓа – во Битола. Исто така, нѐ очекува и настап во Лигата на Европа, која е исклучително силно натпреварување, но ќе пробаме да стигнеме што подалеку“, изјави Џелиловиќ.
Џелиловиќ во Еурофарм Пелистер пристигна по успешен период во Извиѓач, клуб со кој освои повеќе титули во Босна и Херцеговина.
Претходно настапуваше и за Грачаница, а зад себе има и богато меѓународно искуство преку настапите во Лигата на Европа и ЕХФ Европскиот куп.
_________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите вести.
_____________________________________________________________________________________________________

























