Лазаров: Романија е добар тест пред бараж двомечот со Фарски Острови

По настапот на Европското првенство во Германија, машката репрезентација на Македонија денеска го имаше првиот собир.

Македонската репрезентација за време на ЕХФ неделата ќе одигра два пријателски натпревари против Романија.

Овие тест дуели ќе бидат добра проверка на силите пред бараж двомечот против Фарски Острови за пласман на Светското првенство 2025.

Селекторот Кире Лазаров истакна дека на пријателските дуели со Романија поголема минутажа ќе имаат младите ракометари.

,,Можам да кажам дека младите и оние перспективни ракометари ќе имаат минутажа и ќе стекнат искуство за тоа што ни следи во блиска иднина. Репрезентацијата на Романија е добар тест за нас, бидејќи е квалитетна, има промена на селекторот и очекувам да бидaт мотивирани против нас. Играме на нивен терен и добро е нашите момци да се навикнуваат да играат на гостински терен. Јас како селектор барав ЕХФ неделата да ја искористиме и да играме во гости, затоа што и првиот натпревар против Фарски Острови го играме на гостински терен. Хендикепирани сме, бидејќи поголемиот број од главните ракометари не можат да ни помогнат. Треба да видиме каква е состојбата со Милан Лазаревски, разговарав со него и потврди дека добро се чувствува. Сега за сега остануваме со 17 играчи, размислувам за уште едно-две нови имиња, но ќе одлучам по денешниот тренинг“, изјави Лазаров.

Пријателските дуели со репрезентацијата на Романија ќе се одиграат на 15 и 16 март во романскиот град Браила.