Поранешниот репрезентативец на Македонија, Филип Лазаров, откако со Интерактив обезбедија пласман во Третата Бундес лига, доби нов договор.
Раководството на клубот реши да ја продолжи соработката со Македонецот, па така Лазаров ќе остане на тренерската функција уште најмалку една сезона.
„Ова ќе биде моја осма сезона во клубот, и сè уште сум тука со голема страст. Токму поради тоа, мојата мотивација и чувството на одговорност постојано се на високо ниво. Главната причина зошто продолжувам е успешната сезона што сѐ уште трае. Имам чувство дека започнавме да пишуваме нова приказна, изјави Лазаров.
Македонецот е горд на системот што го гради со години во Интерактив, особено во однос на развојот на младите играчи.
„Третина од нашиот сениорски тим доаѓа од нашите младински категории – тоа е огромен успех за нас. Токму тоа е нашата долгорочна цел: да обезбедиме што е можно повеќе талентирани играчи од нашата школа, кои веќе покажаа одлични партии во оваа сезона“, додаде Лазаров.
За Интерактив пласманот во Третата Бундес лига значи и кам-бек по пауза од една сезона.