Mакедонија славеше против Катар со 39-34 во второто коло од главната рунда и остана, макар и теоретски во игра за четвртфиналето на Мундијалот.
Кружниот напаѓач Милан Лазаревски вели дека одлично биле подготвени од селекторот Лазаров за овој натпревар.
„Ни беше важно да победиме, сакам да им честитам и на навивачите кои останаа да ни даваат поддршка. Знаевме дека нема да биде лесно со Катар, ги гледавме нивните последни натпревари и знаевме дека имаме сериозен ривал пред себе. Инсистиравме на брза транзиција, селекторот одлично не подготви за овој дел од играта и целосно одговоривме на она што го бараше од нас. Играме добар ракомет цело првенство, покажавме за што сме способни, а верувам дека уште го немаме покажано целиот наш потенцијал. Благодарност до селекторот за добрите совети, верувам дека уште повеќе ќе растеме како репрезентација како што ќе одминува времето“, изјави Лазаревски.
Следен предизвик за Македонија ќе биде натпреварот со Франција в сабота во „Вараждин Арена“ со почеток во 20:30 часот.