„Мртва трка“ во младинската лига – Цветковски e лидер на стрелците, следуваат Стаменковиќ, Шулески…

По одигрувањето на сите натпревари од 12. коло во младинската машка лига, познати се најдобрите стрелци за првиот дел од натпреварувачката сезона 2023/24.

Лидер на стрелците кај младинците е членот на Бутел Скопје, Петар Цветковски. Средниот бек на 11 натпревари постигна 107 погодоци, или во просек постигнуваше по 9,7 гола по натпревар.

Членот на Бутел Скопје во победата на својот тим против против Еурофарм Пелистер 2 од 31:29 учествуваше со дури 20 погодоци.

На второто место со по 106 постигнати погодоци се наоѓаат двајца ракометари, двајцата се од две различни екипи. Станува збор за десниот бек Кристијан Стаменковиќ од Голден Арт и средниот бек на Тиквеш, Славчо Шулески.

Стаменковиќ најдобрите партии ги имаше против Овче Поле, Тиквеш, Еурофарм Пелистер, Пролет и Вардар. На секој натпревар против овие екипи стрелаше по десет пати.

На 4. позиција според бројот на постигнати погодоци е Мики Лазов од Тиквеш. Левиот бек на десет натпревари успеа да постигне вкупно 105 погодоци и заостанува само на два гола зад актуелниот лидер на стрелците.

Заедно со неговиот клупски колега Шулески на дел од натпреварите сѐ надминаа себе си, па така Шулески против Бутел Скопје имаше 17 реализации, со исто толку заврши и Лазов на дуелот со Вардар.

На петтото место е перспективниот ракометар од Прилеп, Давид Трајкоски, кој на 11 натпревари постигна 104 погодоци. Левото крило на прилепчани најмногу погодоци имаше во дуелот против Бутел Скопје, вкупно 14.

Трајкоски своите квалитети ги покажа и во суперлигашката конкуренција, особено на двата дуели против актуелниот бранител на титулата Еурофарм Пелистер и дадената минутажа во елитата ја искористи на најдобар начин.