Куп на Македонија: Вардар директно во групи, еве ги шеширите пред ждрепката за елиминациите

Актуелниот освојувач на трофејот во Купот на Македонија, екипата на Вардар, директно оди во групната фаза и ќе го скокне елиминациското коло во кое ќе играат 30 екипи.

Станува збор за 15 суперлигаши и 15 прволигаши, кои ќе бидат поделени во два шешири пред ждрепката.

Распределбата по шешири е направена по пласманот во минатата натпреварувачка сезона 2022/23, а со оглед на тоа што екипата на Јуниор КВ оваа сезона не игра, местото во првиот шешир оди за победникот на Првата лига минатата сезона – Мулти Есенс.

Радовишани ја напуштија елитата минатата сезона и сега играат во Првата лига, но имаат место во прв шешир. Обратен е случајот со Аеродром, кој лани беше втор во Првата лига, па сега ќе чека ривал од прв шешир и за ривал може да добие актуелен суперлигаш.

Со оглед на ваквата ситуација, може да има еден суперлигашки двобој (ако Аеродром не го добие Радовиш), а може и прволигашки двобој (ако Радовиш не го добие Аеродром).

Во оваа рунда ќе има 15 парови, ќе се игра само по еден натпревар, а со ждрепка ќе биде утврдено кој ќе биде домаќин.

15 победници во елиминациите, ќе обезбедат место во групната фаза, каде што веќе ги чека Вардар, па следните две кола, осминафинале и четвртфинале, ќе бидат одиграни во групи.

Четирите победници од групите ќе обезбедат место на завршниот турнир во мај.

Ждрепката за двојките во елиминациското коло ќе се одржи утре во просториите на РФМ со почеток во 14:00 часот.

Куп на Македонија, елиминациско коло, ждрепка:

шешир 1: Еурофарм Пелистер, Тиквеш, Бутел Скопје, Охрид, Еурофарм Пелистер 2, Струга, Пролет, Прилеп, Вардар Неготино, Мулти Есенс, Куманово, Скопје, Алкалоид, Голден Арт, Радовиш

шешир 2: Аеродром, Драчево, Младост Богданци, Металург РА, Астраион, Македонија ЃП, Текстилец, Бисинов, Борец, Кичево, Шампион, Преспа Вардар, Овче Поле, Јехона, Партизан Гевгелија