Тимот на Куманово славеше на гостувањето кај Струга со 27-25 и го потврди својот опстанок во елитната конкуренција.
Сега Куманово има 17 бодови на четвртото место во суперлигашкиот плеј-аут, додека Струга остана на девет бода на петтото место што значи дека ќе мора да игра бараж за опстанок во елитата против второпласираната екипа од Првата лига исто како лани.
Гостите имаа плус пет, 12-7 во првото полувреме, но им дозволија на стружани да се вратат во игра, па дури и да поведат преку Костов со 16-15 на стартот на вториот дел.
Сепак кумановци навреме се разбудија, си ја вратија предноста од три гола, 25-22, стружани имаа уште еден камбек на минус еден, но дилемите ги реши Ончев со погодок за 27-25 на триесетина секунди до крајот.
Токму Ончев беше најдобриот стрелец во победничкиот тим со десет погодоци, а шест даде Египќанецот Мамду. Во составот на Струга се истакна Костов со шест гола.
























