Костоски: Со секој ривал во плеј-офот ќе се надигруваме 60 минути

Екипата на Струга веќе стартуваше со подготовките за вториот дел од сезоната и главниот фокус на клубот ќе биде добар настап во плеј-оф фазата.

Стружани во регуларниот дел од сезоната ја остварија зацртаната цел за оваа сезона, обезбедија место меѓу најдобрите осум екипи и сега ќе се обидат да стигнат што подалеку во суперлигашкото друштво.

Еден од најдобрите стрелци во Струга, Ненад Костоски, ги истакна своите очекувања за вториот дел од сезоната.

,,Знаеме дека сите екипи во плеј-офот се исклучително квалитетни. Очекувањата се да се покажеме во што е можно подобро светло и да покажеме дека не е случајност тоа што сме меѓу најдобрите осум екипи во Македонија. Подготовките се одвиваат според посакуваното, се очекува да одиграме неколку пријателски натпревари на кои ќе се види на што треба да обрнеме внимание и што треба да се корегира пред почетокот на плеј-офот”, изјави Костоски.

Левото крило најавува борба на секој натпревар и се надева дека неговиот тим ќе биде достоен ривал

,,Секако дека влегуваме мотивирани во плеј-офот, нѐ очекуваат 14 натпревари, во самиот плеј-оф на секој натпревар со секој ривал ќе се надигруваме 60 минути и ќе се обидеме од натпревар во натпревар да ја подигнуваме формата”, заврши Костоски.

Стружани настапот во плеј-оф фазата ќе го стартуваат со дуел против екипата на Тиквеш.