Коњалти продолжува со 100% учинок, има 14 од 14!

Екипата на Коњалти, во која настапуваат двете ракометарки од Македонија, Ивана Гакидова и Елена Ѓорѓиевска, ја забележа 14-та победа во турскиот шампионат и останува единствена екипа со максимален учинок.

Коњалти во натпревар од 16. коло од најсилното натпреварување во Турција немаше многу проблеми против просечниот тим на Гореле, триумфираше со 43:28.

Тимот на Гакидова и Ѓорѓиевска победата ја обезбеди уште во првото полувреме, кое го доби со 20:15 и во вторите 30 минути дојде до уште поголема предност, која на крај изнесуваше 15 гола разлика.

Македонките одиграа одлично на теренот и постигнаа по четири погодоци во мрежата на гостинките. Меѓу најефикасните со пет погодоци беше и екс ракометарката на Вардар, Алена Ихнева.

Коњалти останува на лидерската позиција на табелата со 28 бодови, два помалку има актуелниот бранител на титулата Кастамону.