Кипријановска во добра форма пред двомечот со Шпанија

Францускиот Ле Самбр Авенуа, каде што игра македонската репрезентативка Јована Кипријановска, продолжува со 100% учинок во Втората лига.

Ле Самбр Авенуа во натпревар од 14. коло од второлигашката конкуренција во Франција славеше на гостувањето кај Асул Ан Велан со убедливи седум гола разлика, 33:26.

Македонската репрезентативка одигра на висина на задачата, беше меѓу најефикасните во својата екипа, постигна четири погодоци во мрежата на домаќинките.

Добрата форма на Кипријановска треба да го радува и селекторот Кристијан Грчевски пред двомечот со Шпанија во рамки од квалификациите за пласман на ЕП 2024.

Тимот на Кипријановска останува неприкосновен во Втората лига и со новата победа го зголеми бодовното салдо.

Сега Ле Самбр Авенуа на свое конто има 39 бодови, додека неговиот најголем конкурент Метропол во досегашниот тек од сезоната освои 32 бодови.