Ракометарките на Ѓорче Петров во 19. коло од Женската лига ги очекува дерби дуелот со екипата на Куманово. Ѓорче Петров е лидер на табелата, има 52 бодови, додека Куманово е позициониран на петтото место со 45 бодови.
Ѓорче Петров доколку триумфира над Куманово, тогаш ќе биде многу блиску до остварување на целта, односно до одбрана на шампионската титула, бидејќи до крајот од сезоната, со исклучок на незгодниот Чаир, има ривали по мерка.
На првиот меѓусебен сезонски дуел, кој беше одигран во Куманово, „лавиците“ со одличната игра во последниот дел триумфираа со дури девет гола разлика, 29:20. Вицепрвакот иако има проблеми со ростерот, сигурно нема да излезе со бело знаме на теренот кај ривалот.
Голманката на Ѓорче Петров, Слободанка Кицеска, го најави саботното дерби со вицепрвакот.
,,Се разбира дека очекувањата за овој натпревар се позитивни, би кажала дека од оваа недела започна завршната фаза за реализирање на нашата цел, односно одбрана на титулата и освојување на Купот на Македонија, па поради тоа се работи напорно и со јасна цел. Што се однесува до самиот натпревар, очекуваме добра игра, во споредба со првиот натпревар во Куманово, каде што во последните десет минути го демонстриравме најдоброто од нас. На овој натпревар тоа треба да започне од почетокот со добро темпо, како и игра 60 минути со максимален фокус и дисциплина во истите и секако, се надеваме на позитивен исход и освојување на три бодови”, изјави Кицеска.
24-годишната голманка истакнува дека атмосферата во Ѓорче Петров е на одлично ниво.
,,Атмосферата во екипата е одлична, се работи добро, секоја од нас ја има визијата и целта за до крајот на сезоната, па така градиме една добра работна атмосфера и најважно, сите ракометарки се во добра форма, како здравствено, така физички, што значи дека во сабота ќе го дадеме максимумот и ќе покажеме еден добар ракомет каде ќе уживаме и ние, но и публиката”, вели Кицеска.
Таа ги повика фановите на Ѓорче Петров да дојдат во што поголем број на дуелот со кумановки.
,,Во мое име и името на целата екипа ги повикувам нашите навивачи и сите љубители на ракометот да дојдат во шо поголем број, како во сабота, така и до крајот на оваа сезона, да не бодрат, уживаат во ракометната игра, па на крај заедно да се радуваме на победите и успесите што доправа треба да дојдат”, заврши Кицеска.
Натпреварот меѓу Ѓорче Петров и Куманово ќе се одигра в сабота (13 април) со почеток од 19:00 часот во спортската сала „Христо Батанџиев“. Влезот за сите љубители е слободен.