Фуксе Берлин направи голем чекор кон четвртфиналето во Лигата на шампионите, откако на гостувањето кај Келце славеше со убедливи 33:27 во првиот осминафинален дуел.
Домаќинот беше за нијанса подобар во првите 30 минута, а на пауза имаше предност од плус два, 14:12 Во вториот дел до 47-та минута се играше изедначено, двете екипи наизменично се менуваа во водство, но бундеслигашот во последниот период го надигра составот на Душебаев.
Незапирлив во редовите на Фуксе Берлин беше Ласе Андерсон, кој натпреварот го заврши со 13 погодоци, а го следеше Матијас Гидсел со седум реализации.
Во поразениот табор се истакна репрезентативецот на Франција, Нилан Дали со шест погодоци.
Реванш натпреварот меѓу двете екипи ќе се одигра на 2 април во Берлин.