Ќе играат како домаќини во град оддалечен 450 километри, само за да се дел од Лигата на шампионите

Романскиот шампион Динамо Букурешт, кој и сезонава нема конкуренција на домашно тло, следната сезона нема да ги игра европските натпревари во престолнината.

Тимот на Чави Пасквал нема да може да игра во салата „Поливалента“, која ќе се реновира, а во Букурешт нема друга сала што ги исполнува условите за играње во Лигата на шампионите или Лигата на Европа.

Според најавите на претседателот на романската федерација, Константин Дин, кои ги пренесува „Про Спорт“, Динамо би можел да се пресели во Клуж.

Ова е вест што сигурно нема да им се допадне на фановите на Динамо Букурешт, кои за европските натпревари би требало да патуваат околу 7 часа со автомобил и повеќе од 450 км.

Но романскиот тим е подготвен на се, само за да добие вајлд-карта во Лигата на шампионите, па сигурно ќе прифати да игра во друг град. Лани извисија, но годинава ЕХФ многу веројатно една од вајлд-картите ќе му ја додели на Динамо.