„На почетокот на мечот доживеав навреди кон мене, па сакав во одредена мера да им возвратам, да им покажам да се смират, испадна така како што испадна, тоа не беше фер ниту коректно од моја страна. Јас сум таков играч, ме мотивираше тоа, јас ги познавам навивачите овде, немам ништо против нив, но „Комити“ се „Комити“ и тие ми се во срцето“, објасни Карачиќ за дуелот што го имаше на теренот во Битола
Полскиот првак и европски вицепрвак Келце, славеше на гостувањето во Битола кај Еурофарм Пелистер со 24-21, а еден од најдобрите на теренот беше екс вардарецот Игор Карачиќ. За полскиот тим бодовите се од особено значење бидејќи остануваат веднаш зад водечките ПСЖ и Кил кои имаат по 8 бода, а Келце има еден помалку исто колку и Алборг.
Полјаците допатуваа во Битола без тројца клучни ракометари, но во тежок момент за македонскиот првак кој играше под притисок и со нов тренер. Карачиќ смета дека најважно од се е победата на тешкиот терен во Битола.
„Одиграме одлично во првиот дел, примивме само осум гола, последниот несреќно во последните секунди, кој ни поремети многу работи. Лесјак беше одличен во второто полувреме, бранеше 50% успешно во вториот дел, имавме малку нервоза, но на крај победивме на тешкиот терен. Навивачите, атмосферата…се заедно, беше причина да не стигнат. Нас ни фалат тројца од главните играчи – Вулф, Сичко, Душебаев, тие се носителите на играта. Но тука сме, победуваме, собираме бодови“, вели Карачиќ.
Тој имаше неколку „дуели“ со навивачката група „Чкембари“ за време на мечот, но вели дека ги почитува навивачите на Еурофарм Пелистер.
„Имаше од се по нешто, но ништо приватно или специјално, немам ништо против навивачите на Еурофарм Пелистер. На стартот на мечот доживеав навреди кон мене, па сакав во одредена мера да им возвратам, да им покажам да се смират, испадна така како што испадна, тоа не беше фер ниту коректно од моја страна. Јас сум таков играч, ме мотивираше тоа, јас ги познавам навивачите овде, немам ништо против нив, но „Комити“ се „Комити“ и тие ми се во срцето“, продолжи Карачиќ.
Карачиќ веќе четврта година игра во полскиот тим, одлично се снајде, има актуелен договор, но секогаш со задоволство доаѓа во Македонија.
„Уживам во Келце, преубаво ми е, одлично се снајдов и приватно и професионално. Сега има нови сопственици, продолжуваме понатаму. Но секогаш кога ќе се најдам во Македонија, која е мој друг дом, уживам и тука. Никој не знае што носи иднината, но секогаш со радост се сеќавам на моментите поминати во Вардар, Скопје и Македонија. Еве сега после мечот заминав за Скопје и ќе поминам четири дена во мојот друг дом“, заврши Карачиќ.