По завршувањето на главната рунда на Мундијалот, репрезентациите што ќе завршат од третото до шестото место во групите, го завршуваат настапот.
Пласманот од 9 до 24 место се прави според пласманот на табелата во групите од главната рунда.
Селекциите што ќе завршат на третото место во четирите групи од главната рунда ќе бидат рангирани од 9 до 12 место, оние што ќе завршат на четвртото место во четири групи од главната рунда ќе бидат рангирани од 13 до 16 место итн…
Прв критериум за тој ранкинг се бројот на освоените бодови во групата, потоа ако тие се исти следен критериум е гол-разликата, па ако и тука екипите се израмнети се гледа бројот на освоени бодови во прелиминарната рунда, па гол-разликата во прелиминарната рунда.
Ако и тогаш две или повеќе репрезентации се израмнети, пласманот се одредува со ждрепка.
Македонија може да биде пласирана и на второто место во групата, но и на петтото место, што значи дека може да биде најмалку на 20 место во конечниот пласман на СП.
По одигрувањето на утрешните три меча од нашата група, делумно ќе биде познато од кое до кое место ќе биде пласирана Македонија, а тоа ќе биде потврдено в недела по комплетирањето на главната рунда, освен ако не играме во четвртфиналето, а тоа ќе значи пласман во ТОП 8.