Веќе не сме млада и неискусна репрезентација, Талески, Кузмановски, Томовски имаат искуство од Бундес лигата, интернационално искуство, исто така и Пешевски. Зад себе имаат повеќе настапи на големите натпреварувања, по три-четири, а тука се и искусните Митревски и Никола Костески.
Натпреварот со Франција го очекуваме сите со голема желба, ќе играме пред 50.000 публика ќе не гледа цел свет, да ја претставиме Македонија во добро светло, добро е што играчите веруваат во системот, исто така и стручниот штаб, очекуваме еден добар натпревар, да се покажеме во добро светло, а резултатот нека биде во втор план на првиот натпревар со олимпискиот првак. Реално, репрезентацијата на Франција е голем фаворит на натпреварот, но, спортот не е спорт ако не се надеваме.
Најдобро во напад би било да го задржиме позитивното – тоа е брзата транзиција, контра, полуконтра и брз центар. Комбинаторика на поставена одбрана на противникот, тоа Лазаров покажа дека многу добро го работи, постигнуваме доста голови против поквалитетни ривали од нас, многу полесно постигнуваме голови од порано кога играше Лазаров, каде што беше цела игра подредена на него и Стоилов во напад, сега играме многу подобро во напад со таа брза транзиција и се надевам дека така ќе продолжиме на Европско првенство. Да дојдеме до шанса без избрзани шутеви од неизградени позиции, да имаме долг напад, да го нервираме ривалот, кој ќе има желба да дојде брзо до топка и да направи веднаш поголема разлика за да ја задржи енергијата за другите натпреварии и брзо да го реши победникот на натпреварот. Секако, многу е битно колективно да играат нашите деца, без билдање на нивна индивидуална статистика, што би било целосно погрешно.
Мислам дека е време да покажеме дека оваа нова генерација напредува и во играта во одбрана, мислам дека по долго време во составот имаме играчи кои можат да одговорат на барањата на една квалитетна агресивна 6-0 одбрана на ривалот, би рекол најквалитетна во Европа и светот која ја играат ракометарите на Франција. Освен Пешевски, кој заслужува да се менува во одбрана, голем број од нашите играчи можат да одиграат одлично во два правци.
Експериментот со Омерагиќ заедно со Талески на 3 и 4 во одбрана, не се покажа како идеален, барем на подготвителниот период, на 3 и 4 со Талески многу подобро се снајде Савревски, што за мене е изненадување, за таа позиција во репрезентацијата е селектиран и Никола Маркоски, мислам дека е повеќе земен за дефанзива, отколку за офанзива, иако може да одговори во два правци, да не го заборавиме и Милан Лазаревски, тој одигра одлично за Вардар во есенскиот дел и во подготвителниот период беше еден од најдобрите играчи, така што имаме повеќе решенија за да бидеме агресивни на позициите 3 и 4. За позициите 2 и 5 во одбрана, имаме добри решенија, во моментов, Савревски, Велковски, Јагуриновски, а од другата страна Петар Атанасијевиќ и Филип Кузмановски. Сигурно стручниот штаб вежба некоја резервна варијанта 5-1, со Атанасијевиќ и Џонов, сепак, мислам дека 6-0 ќе му биде главна варијанта на селекторот Лазаров.
Во однос на нападот на Франција, мислам дека треба повеќе да внимаваме на двајца левокараки играчи на француската репрезентација, имаат премногу квалитетни играчи на десен бек, па мислам дека селекторот на Франција ќе користи и левак на средната позиција.