Машката кадетска репрезентација со триумф го заврши настапот на „Трофеј Карпати“ во Романија, откако славеше против Црна Гора со 28-20. Ова беше доволно за третото место на силниот турнир што треба да послужи за подготовка за квалификациите за ЕП 2024. Претходно Македонија загуби на два пати – од Египет и од домаќинот Романија.
Победата на избраниците на Наум Танески беше обезбедена уште по првото полувреме, кога Македонија водеше со убедливи 19-6. По нерешените 1-1 на стартот, нашите ракометари полека почнаа да го градат водството.
Погодија Петрески и капитенот Ристевски за 3-1, а подоцна беше и 5-2. Трајковски беше одличен на голот, Црногорците почнаа да грешат, немаа многу идеја во нападот и по десетина минути игра беше 9-5.
Нашата одбрана го задржа ривалот на петте постигнати гола дури 15 минути, а за цело тоа време нашите ракометари погодуваа и предноста само се зголемуваше, па на пауза Македонија водеше со 19-6.
Во второто полувреме беа пробувани повеќе варијанти, Црнорците намалија дел од негативата, но македонските кадети не дозволија ривалот да се закани со евентуален камбек и на крајот прославија убедлива победа.
Настапот на овој турнир беше дел од подготовките за настап во квалификациите за ЕП 2024 година, каде Македонија ќе се соочи со селекциите на Словачка, Швајцарија и Косово.