Kорона „нападна“ еден од домаќините на ЕП, дел од играчите „тренираат“ онлајн

Ракометарите на репрезентацијата на Словачка во понеделникот ја започнаа последната фаза од подготовките пред претстојното Европско првенство кое од 13 до 30 јануари 2022 година ќе се одржи на нивен терен и во Унгарија.

Селекторот на Словачка, Петар Кукучка, во изјава за словачките медиуми ја коментираше ситуацијата во неговиот табор бидејќи се соочува со мал проблем.

„Некои од играчите имаа повреди, се уште ги лекуваат, но нема ништо сериозно. Јакуб Прокоп постепено закрепнува. Тој веќе може да изведува вежби за игра и наскоро треба да се вклучи во целосен тренажен процес. Тој нема да игра во пријателскиот натпревар против Австрија во четврток, нема да ризикуваме. Но, Прокоп ќе биде подготвен за стартот на Европското првенство“, изјави Кукучка.

Во понеделникот, еден – засега неименуван играч, имал позитивен тест на Ковид 19. Тројца членови од сегашниот состав на репрезентацијата пред последниот собир биле во близок контакт со него. Нивните тестови биле негативни и во овој период тие се во изолација и се подготвуваат посебно.

„Неколку пати се најдовме во слична ситуација, па се навикнавме. Тројцата играчи веднаш беа ставени во изолација. За среќа, триото има негативни тестови и нема никакви симптоми. Наутро спроведуваат онлајн тренинзи со фитнес инструктор, а попладне тренираат во посебна просторија. Најверојатно по пет дена ќе можеме да ги вратиме на тренинг со тимот. Сега сите играчи знаат дека мора веднаш да пријават влошена здравствена состојба“, додаде Кукучка.

Словачка ќе биде домаќин на три групи од првата фаза на Европското првенство. Во Братислава нејзини противници ќе бидат селекциите на Норвешка, Русија и Литванија во рамките од Групата Ф.