Kадетите стартуваа со подготовки, од Маврово ќе се фаќа залет за Летонија

Машката кадетска репрезентација на Македонија го имаше првиот собир и ги стартуваше подготовките за ЕХФ шампионатот во Летонија.

Селекторот Раде Стојановиќ на поширокиот список имаше тројца интернационалци, од кои се појави само Калајџиески од словенечкиот Слован, додека другите двајца поради оправдани причини ќе го прескокнат овој собир.

Првиот дел од подготовките ќе трае до 30 јуни, тренинзите по два пати на ден ќе се реализираат во салата во Автокоманда.

Потоа ќе следува мал одмор и ќе биде скратен списокот, пред вториот дел од подготовките на Маврово од 4 до 10 јули. Дел од кадетските репрезентативци ќе бидат дел и од младинскиот ЕХФ шампионат што ќе се игра во Бугарија.

Тој ќе се одржи во Варна од 16 до 24 јули, а Македонија ќе игра во групата Б против Романија, Швајцарија, Косово и Украина.

Кадетскиот ЕХФ шампионат ќе се игра во Рига од 8 до 14 август, а Македонија ќе игра во групата Б против Турција, Косово и Летонија.