Јовиќ: Одигравме добри 45 минути, но потоа бевме без решение за нападот и одбраната

Ракометарите на Еурофарм Пелистер на гостувањето кај Загреб беа поразени со 27:18 во натпревар од 5. коло од Лигата на шампионите.

Пелистерци се бореа до 45 минута, потоа дојде до голем пад во играта на битолскиот тим, па тимот на Загреб започна од минута во минута да ја зголемува предноста за конечни 9 гола разлика.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Александар Јовиќ, даде свое видување по поразот од хрватскиот шампион.

,,Одигравме добри 45 минути, а потоа влеговме во една фаза во која немавме решение ниту во нападот ниту во одбраната. Истото ни се случуваше и на претходните натпревари и затоа треба да работиме повеќе на тоа, за да не ни се повторуваат грешките во иднина и за да можеме да победиме екипи во Лигата на шампионите“, изјави Јовиќ.

Свој коментар имаше и младиот репрезентативец на Македонија, Петар Атанасијевиќ.

„Во ваков натпревар треба да си фокусиран во текот на сите 60 минути. Ние не го издржавме истото темпо во сите 60 минути. Мислам дека двете екипи дадоа одлична партија, а на крај искуството на противникот пресуди“, изјави Атанасијевиќ.

Еурофарм Пелистер во недела го игра дерби дуелот против Вардар, потоа на 25 октомври му следува дуел со Келце.

Еурофарм Пелистер со пораз се враќа од Загреб