Јотиќ: Од врвот до дното одиме за пет минути – мора да имаме константност

Тимот на Охрид не успеа да освои бодови против тимот на Кирил Лазаров, кој ја однесе победата од „Билјанини Извори“, 36-28.

Иако „гладијаторите“ одлично парираа во најголем дел од мечот, сепак попуштија на крајот и дозволија гостите од Автокоманда да се радуваат.

Повратникот во тимот, Ловро Јотиќ, не може да го детектира проблемот со големите падови, но вели дека во продолжение од плеј-офот, Охрид сигурно ќе добие некој од дерби натпреварите.

„Тешко е сега после натпреварот нешто паметно да кажам, но ова е нашата класична сезонска приказна. Со сите играме во егал до последните 10-15 минути и потоа паѓаме. Не знам дали е тоа физички проблем или психички, со сите сме тука некаде, но не можеме да добиеме натпревар. Сепак верувам дека до крајот на плеј-офот сигурно некој меч ќе биде наша страна“, вели Јотиќ.

Хрватскиот среден бек вели дека мора да се работи на тоа како да се решаваат ситуациите во критични моменти од натпреварот.

„Едноставно немаме константност во играта. Играме топ, одлично, и потоа катастрофа, немаме средина и кога паѓаме, паѓаме многу, па ривалот ни направи голема разлика за кратко време, потоа паѓаме и тешко е да се вратиме. Од врв до дно стигнуваме за пет минути, мора да работиме на тоа. Треба да имаме искуство за такви моменти, тогаш да повлекуваме потези и од клупата, треба да бидеме вистински во тие моменти. Мора да најдеме начин да постигнеме гол и да излеземе од дупката, бидејќи кога ривалот ќе направи голема разлика, тешко е да се вратите во игра“, заврши Јотиќ.

Следен предизвик за Охрид ќе биде гостувањето кај Тиквеш во Кавадарци.

Охрид попушти во финишот, „сино-белиот“ двобој за тимот од Автокоманда