Со мечот меѓу Вардар и Куманово стартуваше плеј-офот во Женската лига, а денеска на програмата се уште две средби. Ќе играат шампионот и вицепрвакот, Ѓорче Петров и Чаир, додека во Штип кај Астибо ќе гостува Металург Автокоманда, уште еден од фаворитите за трофеите на домашна сцена.
Металург Автокоманда со седум победи и едно реми го заврши регуларниот дел од сезоната, а меѓу најдобрите ракометарки во тимот беше Марија Јанкуловска.
Македонската репрезентативка имаше одлични изданија и на Европското првенство, а се очекува да биде и меѓу ударните алки во составот на Јулијана Дамчевска. Битолчанката ги сподели очекувањата од плеј-офот.
„Како и секоја екипа што се натпреварува во плеј-офот, така и ние целиме на што повисоко место. Се надевам дека она што сме го вежбале, тренирале и целата макотрпна работа ќе ни се исплати на крајот“, смета Јанкуловска.
Таа вели дека шампионот ќе се одлучува на крајот на сезоната.
„Иако има неколку фаворити мислам дека победникот ќе биде неизвесен до крај. Сепак ова е ракомет, како што видовме на Европското првенство и на големите екипи (како што во случајот беше Франција) им се случуваат киксови“, продолжи младата ракометарка.
Јанкуловска ги посочи целите на Металург Автокоманда.
„Сметам дека за секоја екипа целите се исти, односно што повисок пласман и освојување на Лигата и Купот на Македонија. Секогаш треба да се биде спремен и да се има “ас во ракавот”. Но, пред се мислам дека важно е да играме наша игра, да покажеме се што знаеме и она што сме го тренирале“, вели Јанкуловска.
Како и најголемиот дел од ракометарките што играат во плеј-офот, така и Јанкуловска смета дека треба да се промени системот на натпреварување.
„За женскиот ракомет во Македонија да се подобри сметам дека треба клубовите да се поделат во две лиги. Сето тоа со цел да се има што повеќе дерби натпревари во кои ќе можат подеднакво добрите екипи да си ги измерат силите“, заврши битолчанката.
Металург Автокоманда оваа сезона за првпат излезе и на меѓународна сцена, беше елиминиран во второто коло од Европскиот Куп, па сега сите сили се насочени кон домашната сцена и освојување на трофеите во Женската лига и Купот на Македонија.
По мечот во Штип, Металург Автокоманда во последниот меч од 2024 година ќе игра на домашен терен против Вардар.