Јанев: Еден ден играме феноменално до крај, а другиот ден…

Женската младинска репрезентација на Македонија во последниот натпревар од главната фаза на Светското првенство во Скопје доживеа пораз од Црна Гора со 26:23.

Селекторот на Македонија, Дарко Јанев, го анализираше поразот од Црна Гора и истакна дека не е задоволен од играта во двете полувремина, во кои неговите избраничките играа топло-ладно.

„Еден ден играме феноменално до самиот крај, потоа следен ден играме меч на кој мора да се бориме, но не го правиме тоа. Имавме добро прво полувреме, а во вториот дел влеговме како тотално да бевме други играчи, посебно во нападот. Одбраната функционираше некако, ама во нападот не бевме на ниво. Можеби некоја емоционална исцрпеност постои, но не смееме да дозволиме такво нешто. Овие играчи се сениори или прераснуваат во сениори. Не смееме да си дозволуваме таков пад на играта, не е добро да се претставуваме во две лица – едно добро, друго лошо и тоа во краток период“, изјави Јанев.

По денешниот пораз, младинките на Македонија завршија на четвртото место во својата група и во понатамошниот период на младинскиот Мундијал ќе разигруваат за пласман од 13 до 16 место.

Прв ривал е селекцијата на Кореја на 27 јуни од 15:45 часот, ако победиме ќе играме со победникот од дуелот меѓу Египет и Кина, ако загубиме со поразениот од овој двобој.

Храбрата Македонија попушти во финишот и остана без бодови против Црна Гора