Јагуриновски веројатно ќе има интернационална кариера во Германија, а Аларов останува во Скопје, само ќе ја замени бојата на дресот и ќе задолжи „син дрес“.
Македонските репрезентативци Томислав Јагуриновски и Михаил Аларов на крајот на оваа сезона ќе си заминат од тимот на Вардар. Десниот бек и кружниот напаѓач од лето ќе имаат нови предизвици во кариерата, дознава 24Ракомет. И на двајцата им завршуваат договорите со клубот и најавиле дека заминуваат.
Двајцата дојдоа во пакет пред две и пол сезони во „црвено-црниот“ тим од составот на Пролет, а сега двајцата исто така заминуваат заедно, но во различни средини. Јагуриновски веројатно ќе има интернационална кариера во Германија, а Аларов останува во Скопје, само ќе ја замени бојата на дресот и ќе задолжи „син дрес“.
Јагуриновски е стандарден репрезентативец на Македонија, а Аларов „тропа на вратата“, и веројатно во иднина почесто ќе добива репрезентативни повици.
Со Вардар освен на домашна сцена, беа активни и на меѓународна во Лигата на Европа во оваа и во минатата сезона. Освоија еден трофеј во Купот на Македонија по доаѓањето во Вардар, а допрва сезонава ќе имаат трета шанса да стигнат до титула со „црвено-црниот“ тим во Супер лигата.
Активни договори до 2026 или 2027 година со Вардар имаат левите крила Марио Стојановски и Марко Срдановиќ, левиот бек Томче Стојановски, кружниот напаѓач Милан Лазаревски, средниот бек Марио Танкоски, десните крила Мигел Пинто и Ален Ќосевски, голманите Васил Гогов, Мигел Еспиња и Марко Богдановски, десниот бек Кристијан Стаменковиќ…
На крајот на оваа сезона им истекуваат договорите на Ашраф Маргели, Гоце Георгиевски, Младен Крсманчиќ, Нилтон Мело, Хансер Родригез, Вуко Борозан, Матија Николиќ, Стефан Петриќ…
Освен двајцата Македонци, од Вардар на лето заминува и Ларс Коиј, додека најавен е трансферот на кружниот напаѓач на Охрид, Живан Пешиќ.