Хрватскиот голман Филип Ивиќ пред една седмица пристигна во Битола и ги почна подготовките со македонскиот шампион Еурофарм Пелистер.
Филип Ивиќ, заедно со Никола Митревски, треба да ја донесе потребната сигурност меѓу стативите на битолскиот тим.
„Во Битола веќе се чувствувам како дома. Toa за интернационалците е многу важно. Екипата е супер, добро се работи. Со повеќе од соиграчите или имам играно заедно или против нив. Мојот прв впечаток е дека Битола е преубав град, луѓето се љубезни и сега се уверив во тоа. Сигурен сум дека тука ќе минам две убави години. Еурофарм Пелистер долги години е во врвот на македонскиот ракомет. Пред неколку години имаше тука доста хрватски играчи од типот на Мандалиниќ и тренерот Бабиќ. Ми се допаѓа што Македонија вложува во ракометот, лигата секоја година е се посилна, ракометот е спорт број еден. Конкуренцијата е засилена и со самото тоа патот до трофеите е отежнат. Го следам Еурофарм Пелистер долга низа години, мило ми е што дојдов да помогнам колку што можам и да освојам што е можно повеќе трофеи. Лигата на шампионите е „шлагот на тортата“, сметам дека за секој играч треба да биде чест што ќе игра во ова натпреварување во Битола. Велат дека групата е послаба од другата, но мора да се нагласи дека во Лигата на шампионите нема слаби противници. Видовте и минатата сезона дека е тешко да се игра било каде. Оваа екипа ја заслужува и првата победа. Јас и сите во екипата заедно со поддршката од трибините се надевам ќе дојдеме до неа. Едвај го чекам првиот натпревар“, изјави Ивиќ.
Ивиќ потекнува од Загреб, бранеше за полскиот Келце, германскиот Гумерсбах и словенечкиот Целје, пред да замине во Франција.
Хрватскиот голман и Митревски ќе бидат замени за Урбан Лесјак и Калифа Гедбан, кои заминуваат во Тримо Требње, односно Ерланген.
Своето деби Ивиќ би требало да го има на Струшкиот турнир, а со Еурофарм Пелистер ќе биде дел од турнирот на СЕХА во Турција, односно на турнирот во Добој.