Тимот на Охрид е првиот финалист во Купот на Македонија откако попладнево славеше против Еурофарм Пелистер со 26-19 и ќе се бори за трофејот. Охриѓани се во одлична форма и комплетно го надиграа шампионот, па заслужено се пласираа во финалето. На битолчани ништо не им одеше од рака, тоа се виде од стартот на мечот и немаа шанси против расположениот ривал.
Ова е втор триумф во серија на Охрид против пелистерци, откако претходно славеа и во Супер лигата во плеј-офот.
В недела е големото финале од 20:00 часот, ривал на Охрид ќе биде победникот од дуелот меѓу бранителот на трофејот Вардар и „сино-белите“ од Автокоманда.
Во почетните пет минути се играше со грешки, но и голмански одбрани на двете страни, па резултатот беше 1-1. Битолчани не беа влезени во ритам, а безидејниот напад одново резултираше со грешки, кои охриѓани ги казнија и за првпат направија повисока предност по петнаесетина минути. Со голот на Ѓукиќ беше 6-3.

„Гладијаторите“ поведоа и со 7-3, па Алушовски мораше да повика тајм-аут. Серијата без погодок ја прекина Пешевски, но Охрид за кој Пилиповиќ бранеше одлично и натаму ја одржуваше високата предност. Битолчани пробуваа преку Хекбарт, Тајник, Радивојевиќ, но не беа успешни…

Јасухира го најде лесно Прибетиќ, „гладијаторите“ отидоа на плус шест, 12-6, а во финишот на полувремето имаше уште по еден погодок на двете страни и истата разлика остана во корист на охриѓани, откако јапонскиот среден бек постигна погодок во последната секунда.
Истиот играч на стартот на вториот дел зголеми на 14-7, а пелистерци првиот гол го постигнаа дури по шест минути игра кога намалија на 15-8. Алушовски одново беше приморан да бара минута одмор, беше 17-8, но неговите момци конечно врзаа два гола и заиграа подобра одбрана.

На петнаесетина минути до крајот беше 22-12, но пелистерци полека ја топеа негативата, иако останаа без Самоил Ристевски по еден остар старт над Стрмљан. Намалија битолчани на 22-16 со четири гола во серија, но Јасухира даде гол за 23-16 и се повреди при тој напад.
Сепак и покрај тоа, Охрид рутински и искусно успеа да ја одржи предноста и на крајот да го прослави најголемиот клупски успех – пласман во финалето на Купот на Македонија.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Ѓукиќ и Јагуриновски со по пет гола, а голманот Пилиповиќ имаше осум одбрани на голот на Охрид. Во составот на Еурофарм Пелистер се истакна капитенот Кузмановски со девет погодоци.
























