Репрезентацијата на Бразил успеа да ја надигра Шведска со 27:23 во натпревар од 2. коло од главната фаза на Светското првенство 2025 во Данска, Норвешка и Хрватска.
За Шведска ова беше најлош одигран натпревар на Мундијалот, додека Бразил успеа да направи историски успех на Мундијалите обезбедувајќи пласман во ТОП 8.
Бразил одигра одлично во првото полувреме, го имаше расположениот Да Роса, кој не дозволуваше лесно да биде совладан, па на пауза замина со солидна предност од плус пет, 14:9.
Швеѓаните кои немаа лидер во првите 30 минути, мораше да дадат повеќе од својот максимум за да се вратат во вториот дел. По предноста на Бразил од 18:12, избраниците на Апелгрен со три гола во низа намалија на 18:15.
Во еден момент Шведска имаше напад за минус два, но Ване не успеа да реализира, но ниту Бразилците не погодија од пенал, па така скандинавската селекција конечно се закани намалувајќи на 18:17 во 43-та минута.
Искусниот Родригез ја прекина големата криза на Бразил и погоди за 19:17. Иако Шведска имаше шанси целосно да се врати, сепак, репрезентацијата на Бразил во последните десет минути влезе со предност од 24:20. До крајот немаше поголема промена на теренот, па така големиот фаворит остана без пласман меѓу најдобрите осум.
Бразилците во последното коло ќе играат против Шпанија, додека Шведска за ривал го има соседот Норвешка.
Египет со победата над Словенија од 26:25 (16:14) ги задржа шансите за пласман во четвртфиналето на Светското првенство.
Словенците речиси целиот натпревар беа во негатива од 2-3 гола, потоа во финишот се вратија во игра и на триесетина секунди пред крајот имаа шанса за нерешено. Организираа добар напад, се одеше како што беше договорено на тајм-аутот, но Алекс Влах направи грешка, па славјето на клупата на Египет можеше да започне.
Голем хендикеп за Урош Зорман беше повредата на Рок Овничек, кој нагази лошо при еден доскок, па мораше со помош на играчите да биде изнесен од теренот.
Во последното коло Египет ќе игра против Зеленортските Острови и за очекување е дека ќе го добие овој натпревар.