Тимот на Еурофарм Пелистер испиша историја во Букурешт и ќе игра на Ф4 турнирот на првото издание од младинската ЛШ, откако во финалето од групата 4 славеше над домаќинот Динамо Букурешт со 37:36.
Завршниот турнир од младинската ЛШ ќе се одржи паралелно со сениорскиот Ф4 во Келн (14/15 јуни), па така младите ракометари ќе имаат дополнителна мотивација да го покажат најдоброто од себе
Натпреварот започна израмнето, во воведните пет минути беше 4:4, потоа пелистерци со двата гола на Хаџиќ дојдоа до плус два, 6:4. Токму босанскиот интернационалец беше незадржлив на теренот и до средината на првото полувреме зад своето име имаше запишано пет погодоци.
Македонскиот тим откако имаше плус три, 8:5, домаќинот направи серија од 3:0 и дојде до израмнување во 13-та минута, 8:8. Следуваше период, во кој двете екипи влегоа во брз ритам, па така беше 12:12 во 18-та минута.
Динамо Букурешт повторно успеа да се одлепи на плус два, 14:12, и во три наврати не успеа да дојде до три позитива. Избраниците на Мемиќ и Митревски излегоа од малата криза и за две-три минути направија целосен пресврт, по негативата од 15:13, дојдоа до 18:15, а со овој резултат се замина и на пауза.
По пет минути игра во вториот дел беше 22:21 во корист за битолчани, а во 38-та минута сѐ тргна од нула, бидејќи домаќините израмнија на 23:23. Во последните дваесетина минути секој напад значеше многу и најчесто до 50-та минута двете екипи наизменично се менуваа во водство.
Голманот Фехми фати неколку топки и Еурофарм Пелистер успеа да се одлепи на 30:28. Овие ,,плус два” на македонскиот тим не даваа никаква сигурност, бидејќи домаќинот се врати во игра, израмни на 33:33 во 55-та минута. Во играта на нерви, подобро се снајдоа битолчани за големо славје среде романската престолнина.
Алем Хаџиќ беше најефикасен на натпреварот со 12 погодоци, шест постигна Карло Буторац, пет додаде Јован Марковски, четири реализации имаше Леонид Лозановски, три гола запиша Архангел Трсунов, по двапати во листата на стрелците се запишаа Стефан и Лука Ѓорѓиевски и Иван Велески, а еден гол постигна Јован Симоновски. Мелин Фехми натпреварот го заврши со пет интрвенции, една помалку имаше Атанасиј Трсунов.