ИНТЕРВЈУ ГАЛ ЦИРАР: Не бројам голови, играм за Охрид да победи!

Словенечкиот интернационалец во редовите на ГРК Охрид, Гал Цирар остава значаен печат во македонското суперлигашко првенство сезонава. Десното крило не само што е најефикасен ракометар во редовите на охридскиот тим, туку е и меѓу топ три стрелци во Суперлигата. По година дена минати покрај езерото, Словенецот се одлучи да остане верен на клубот до 2026 година, а главната причина за тоа е што Охрид е клуб со амбиција.

За Цицар, ГРК Охрид е прво интернационално искуство во кариерата, откако претходно има играно само за словенечки екипи – Горење Велење, Јерусалим Ормож, Радече, како и Тримо Требње со кој настапуваше и во Европската лига. Пред да дојде во Македонија немал никакви информации за квалитетот на лигата, но по сезона ипол играње во нашата Суперлига потенцира: „ако играат македонскиот и словенечкиот првак, мислам дека македонскиот ќе победи.“

Животот во Македонија за 28-годишниот ракометар е убав, иако многу малку успеал да види и да ужива во природните убавини кои таа ги нуди. Македонски, не зборува, но разбира, а она што му недостасува е кинеска храна и МекДоналдс, кои ги нема во Охрид.

Гал потекнува од градот Велење, па поради тоа вели дека немал многу избор за тоа со што ќе се занимава кога е спорт во прашање.

„Потекнувам од Велење каде ракометот е спорт број еден и сите мои другари од училиште тренираа ракомет, па и јас почнав со нив. Тренирав и скијање, скоро десет години, еден период и паралелно, но од 16-17 години се ориентирав само на ракомет. Со оглед на физичките предиспозиции од старт играм на крилна позиција“, објаснува Гал Цирар и продолжува: „Горење Велење ми е матичен клуб, а Бранко Тамше прв тренер од кој имав многу што да научам. Можам да кажам дека тој и Урош Зорман, кој ми беше тренер во Тримо Требње, имаат голема заслуга за она што сум денеска.“

Твојата кариера се развива во клубовите во Словенија до пред година дена, кога одлучуваш да дојдеш во Македонија, односно ГРК Охрид. Зошто Охрид?

„Да, вистина е дека цело време циркулирам во Словенија, а Охрид е мојот прв интернационален предизвик. Добив интересна понуда од клубот, а од Владимир Бојаниќ и Деан Шешиќ, со кои претходно играв во Словенија, кога се консултирав, слушнав само убави зборови и за екипата и за градот, па си реков, зошто да не!? И така дојдов во Охрид.“ (се смее)

Имаше познавања за македонската лига?

„Искрено не! Знаев за Вардар, Металург и Пелистер и нивните европски успеси, но што се однесува до македонската лига, никогаш не сум ја следел и немав никакви информации и познавања за неа. Ако направам споредба меѓу Словенија и Македонија можам да кажам дека и во двете земји ракометот живее. Салите во Словенија се помали од 500 до илјада места, но секогаш се полни. Во Македонија салите се поголеми две-три илјади седишта, но кога не играме дерби нема толку публика. Од друга страна квалитетот на македонската лига се крева во последните десет година, додека словенечката паѓа… Мислам дека се тука некаде – изедначени, но ако играат шампионот на Македонија и словенечкиот првак, би рекол дека македонскиот ќе победи.“

ИМАМЕ СИСТЕМ И ИМАМЕ АМБИЦИИ

На Словенецот му се допаѓа во Македонија, ГРК Охрид е клуб во кој се пронаоѓа и каде ќе остане најмалку уште две сезони.

„Како за прво интернационално искуство Охрид ги оправда моите очекувања, а верувам и јас неговите, со оглед на тоа дека соработката е продолжена на взаемно задоволство. Ми се допаѓа што клубот има амбиции, има визија за тоа како сака да расте и да се развива. Многу е различна атмосферата кога сте во некој клуб кој е задоволен со тоа да е петти-шести на табела или да играте за екипа која цели високо. Секоја година сме се подобри и подобри и се надевам дека така ќе биде и во иднина, затоа одлучив да останам. Ми се допаѓа и системот на работа на Алушовски, кој гаи некој сличен систем на игра, кој ми е познат од претходно кога тренер ми беше Зорман. Се пронаоѓам во системот, добро се чувствувам, истовремено тренерот има доверба во мене. Тоа се гледа што во некои важни, клучни моменти добивам шанса, ми ги доверува. Дури и во ситуација кога ќе промашам пенал, во следна прилика одново сум на линијата. Убаво е тоа што ми верува, ми ја крева самодовербата и ми дава на важност, што нормално му годи на секој играч. Но, да бидам јасен, немам слобода во играта. Мора да работиме во рамките на системот кој го бара тренерот, а тренерот мора да се почитува! Нема излегување надвор од систем (се смее) тренерот најдобро знае што сака од секој играч и сите ние имаме конкретна задача“, објаснува крилото и додава: „Мислам дека досега оставив добар впечаток и навивачите и луѓето во клубот ме сакаат. Знаат дека давам се од себе за клупскиот дрес и дека Охрид е мој клуб.“

ТИМОТ ПРЕД ИНДИВИДУАЛНОТО

Гал Цирар беше меѓу најефикасните играчи во словенечкото првенство три сезони во низа, а таквата традиција ја продолжува и сега, како прв стрелец на ГРК Охрид во Суперлигата, со постигнати 162 гола досега. Крилото смета дека тоа е така само затоа што изведува пенали.

„Не знам дали сум најдобар стрелец, не ги бројам головите. Најважно ми е да победуваме, дали јас ќе дадам еден или десет голови тоа е сеедно. Јас не играм сам, ние сме екипа. Денеска јас ќе бидам најдобар стрелец, утре некој друг, но ние работиме заедно за да дојдеме до тие погодоци и нормално, тоа ќе ни донесе победа. Тимот ми е пред индивидуалното. Добро, и да сум најдобар стрелец тоа е затоа што шутирам пенали. Ако не шутирав пенали тогаш некој друг ќе имаше таков епитет. Затоа велам дека не е важно кој ќе го даде голот, поголема заслуга има тој што ќе го направи пеналот, за да можам да одам јас да го шутнам.“

ДА ЗАВРШИМЕ ШТО ПОВИСОКО НА ТАБЕЛАТА

До крајот на сезоната на Охрид му останаа уште два натпревари во Суперлигата – гостувањето кај Вардар и мечот со Тиквеш во „Билјанини извори“. Тимот целта за сезоната – излез во Европа веќе ја оствари, но сака да заврши што можно повисоко на табелата.

„Се боревме цела сезона за да бидеме што повисоко на табелата. Целта ни беше Европа и во еден момент бевме и во трка за шампионската титула со Вардар, Алкалоид и Еурофарм Пелистер. И сега имаме некои работи во свои раце и свесни сме за тоа. На секој натпревар концентрацијата е на највисоко ниво, носиме одговорност кон луѓето во клубот кои вложуваат, кон спонзорите, па и кон нас самите и треба да одговориме со добра игра и резултат, а верувам дека така ќе биде и на последните два натпревари.“

Без разлика што и да се случи на престојните дуели ве очекува европски предизвик следната сезона?

„Добро е што останаа повеќето играчи и нема да имаме многу промени во екипата. Сите го знаеме системот, знаеме што сака тренерот и воиграни сме и нема да биде потребно многу време по летната пауза за да се вратиме во шема. Ја имаме основата сега ќе треба само да растеме, да работиме на нови акции, нови комбинации. Нормално дека и со нови амбиции и цели – како во Европа, така и во Суперлигата ќе влеземе во новата сезона. Ќе видиме што ќе ни донесе таа, како ќе се засили и конкуренцијата и какви ќе бидат околностите. Генерално мора да ни биде цел секоја сезона да сме се подобри и подобри. Подобро да се откажеме од ракомет, ако мислиме дека не може да ги победиме сите.“

ЗОРМАН МИ НАМЕТНА ПОБЕДНИЧКИ МЕНТАЛИТЕТ

Пред Охрид со Тримо Требње, Гал Цирар настапуваше од Европската лига, искуство за кое смета дека многу му помогнало да созрее како играч.

„Тоа е една од најубавите сезони во кариерата досега. Тоа искуство е многу важно и помага да пораснеш како играч. Набиен распоред, темпо среда-сабота натпревари. Константно играње на квалитетни натпревари со квалитетни противници во кои ја гледаш и сопствената вредност и можности. Играв против големи клубови и големи ракометни имиња, како Уве Генсхајмер. Убаво е чувството кога ќе се поздравиш со некоја таква величина од играч и кога ќе играш против него и ќе сфатиш дека може да се натпреваруваш, дека и тие се луѓе како тебе и имаат и предности и мани. Такви натпревари и сезони се едно големо и играчко и животно искуство.“

Од двете сезони во Тримо Требње, крилото го потенцираше и влијанието на тренерот.

„Големината на Урош Зорман е во неговиот победнички менталитет. Човекот не сака да губи. (се смее) Знаеше како да не мотивира и не научи да бидеме победници. Тоа ми остави голем впечаток. Стевче (Алушовски) знае да одржи добар говор во соблекувалната. Има и добра тактика – секој ден не мотивира по малку. Добар говорник е, но не можам да откривам детали. Што се случува во соблекувална останува таму.“

СЛОВЕНИЈА „ФАБРИКА“ ЗА ДЕСНИ КРИЛА

Цирар е реален кога станува збор за репрезентативната кариера и вели дека тоа е терен на кој тешко може да се пробие, со оглед на тоа дека Словенија е „фабрика“ за десни крила.

„За жал немам простор за репрезентативна кариера. Не можам да се најдам во тоа друштво, едноставно конкуренцијата е пресилна – Маргуч, Јанц, Гајиќ – Словенија е позната по десните крила. Кога еден Шоштариќ, кој е играч од светска класа не можеше да најде место и отиде да игра за Хрватска, што останува за другите.“

ТЕШКО Е БЕЗ КИНЕСКА ХРАНА И МЕКДОНАЛДС

За 28-годишниот Цирар животот во Македонија е убав, иако немал шанса многу да прошета. Она што му недостасува се кинеска храна и МекДоналдс.

„Животот во Македонија, во Охрид е убав. Немав многу шанси да прошетам, сум бил на по еден ден со Скопје и Битола, и бевме со екипата на подготовки во Маврово. Мојата девојка многу ја сака музиката на Тоше Проески и кога беше тука, го посетивме и Крушево, сакавме да ја видиме и Спомен куќата, но за жал таа во понеделник не работи. Само се прошетавме низ градот и се вративме назад во Охрид. Во Охрид имам доволно можности да уживам, градот е убав, луѓето се топли и отворени. Македонски јазик не учам, нема потреба, слични ни се јазиците и разбирам скоро се во секојдневната комуникација. Ја сакам и македонската кујна, но да бидам искрен многу ми недостасува кинеската, која ми е омилена. Нема кинеска храна во Охрид, а нема ни МекДоналдс (се смее) голем љубител сум на таква храна. Ако го одземам тоа, генерално ми е добро“ (се смее)

ПОДГОТВУВАМ ПАСТА ПРЕД НАТПРЕВАР

 Гал нема некој посебен ритуал пред натпревар, но сака сам да си подготви јадење.

„Немам некој специјален ритуал пред натпревар. Сакам да слушам некоја музика која ме релаксира и понекогаш готвам. Знам да подготвам тортиљи, паста, италијанска храна и сакам сам пред натпревар да си подготвам јадење – некоја паста каква што јас сакам.“

БАСКЕТ ВО МААЛО И ПРОШЕТКА СО ДЕВОЈКАТА И ПЕСОТ

Што правиш кога нема ракомет?

„Се дружам со соиграчите или кога сум дома, на одмор, на кафе сум со другарите. Најмногу сакам да спијам (се смее). Најголем дел од времето поминувам со девојката. Сега имаме и пес, го купивме заедно и го шетаме, играме со него и си уживаме. Знам да одиграм и баскет во маало.“

ФАКУЛТЕТ СЛЕДНО НА АГЕНДАТА

Словенецот открива дека од годинава ќе си постави и нова цел – да заврши факултет.

„Сакам да се запишам на факултет. Претходно кога имав можност за тоа не ја искористив, но сега сакам да завршам некој факултет. Средно завршив во гимназија, а тоа не носи ништо во животот. Мора да имам некој документ. Од ракометов нема да заработам доволно пари за да бидам мирен до крајот на животот (се смее) па затоа морам да мислам и на иднината.“

ПУБЛИКАТА ДАВА ПОСЕБНА ЕНЕРГИЈА

Во Охрид ракометарот не се чувствува како ѕвезда, но ужива кога игра пред полни трибини во „Билјанини извори“.

„Во Охрид е убаво, но не се чувствувам како ѕвезда. Моја работа е да играм ракомер, на некој е да работи во фабрика, кој каков пат си одбрал и каква шанса добил. Луѓето во градот знаат дека сме ракометари, но не оставаат нормално да си функционираме. Секако, ние играме за нив и нивната поддршка ни е и тоа како важна. Полните трибини носат посебна енергија, кога ќе дојдат да гледаат и да уживаат, а ние сме тука да играме и да ги радуваме. Тоа е таа взаемна врска која ја имаме.“

Словенецот потенцира дека се труди во секој момент да го даде најдоброто од себе, а што ќе му донесе иднината останува да видиме.

„Давам се од себе на секој тренинг, на секој натпревар и во секоја нова сезона влегувам со таа мисла, да го дадам најдоброто. Не си создавам притисок, иако имам сонови – да играм во ЛШ, да играм за репрезентација, но велам, без притисок. Ќе видиме што ќе донесе иднината.“