На македонската машка ракометна сцена втора година во низа доминира Еурофарм Пелистер, откако ја одбрани шампионската титула. За ракометна Битола ова е вкупно осми трофеј во историјата, но разликата овојпат е што екипата ја предводеше градската икона и легенда Бранко Ангеловски. За поранешниот репрезентативец и интернационалец ова е прв шампионски пехар како стратег.
Пред четири години кога заврши со функцијата спортски директор на романска Констанца и се врати во Македонија, во еден разговор ми рече: „Не прифаќам споредна улога, треба да бидам важна ’алка’ за да му се вратам на ракометот!“ Така и се случи. Ангеловски се ре-активираше како дел од проектот Алкалоид/Мулти Есенс, каде мина две години како тренер, а кога замина од таму стигна понудата која не можеше да се одбие – спортски директор на РК Еурофарм Пелистер.
Само пет месеци ја имаше оваа функција, за по сплет на околности прво како В.Д., а потоа и како трајно решение да седне на клупата на битолските „зелени“ и да успее шампионската титула да ја задржи во клупските витрини. Индивидуално, за него, ова е најголем тренерски успех, но Бранче е скромен и потенцира „ова е успех на колективот.“ Двојната круна е она што се посакуваше, но зачувувањето на шампионскиот трофеј не е мала работа.
„Сите фаворити оваа година посакуваа двојна титула, а коцките на крај така се наместија, Вардар го освои Суперкупот, Алкалоид го освои Купот, а Еурофарм Пелистер, највредната и титулата за која најдолго треба да се бориш – шампионската титула. Таа остана во наши раце и за тоа сум многу горд и среќен. Подобро еден вистински трофеј, иако не ги омаловажувам и другите два, но за шампионската титула мора во континуитет да бидеш добар“, потенцира Ангеловски и продолжува: „Вистина е дека се посакуваше двојна круна, но повторно ќе кажам, секој од фаворитите се гледаше на тронот. Првпат во историја на македонскиот ракомет еден клуб освои титулата, а не стартуваше од првата позиција во плеј-офот. Јас сум играл уште во првото првенство во Македонија, (и имам титули и со Пелистер и со Вардар и со Металург) но никогаш не се случило екипа која не стартува прва, да заврши со шампионската титула. Од оваа гледна точка можеби и треба да жалиме за Купот, но бевме единствена екипа која дојде на Ф4 со натпревар кој го игравме надвор од дома, за разлика од конкуренцијата која во четвртфиналната фаза играа на домашен терен. Ние имавме најтешка група и требаше да го минеме Охрид во Охрид. Сигурно треба да жалиме, затоа што игравме за трофеј, против Алкалоид, кој претходно убедливо го победивме во плеј-офот, но веднаш по мечот потенцирав во соблекувалната дека таа голема разлика не е реална. Се потврди и она дека фаворит на Ф4 турнир и во Купот – нема и на крај пресудува една топка или еден детал, а кога се пеналите во прашање тогаш и факторот среќа одлучува. Бев сигурен дека ќе го освоиме Купот, но одлучија две топки и тоа е тоа. Среќата беше на страната на противникот.“
СО СТАР БОЛИД НЕ СЕ ИГРА ЛШ
Еурофарм Пелистер сезонава го гледавме и во групната фаза од Лигата на шампионите, каде настапот во групата А го заврши со 14 порази во исто толку натпревари и со нула бодови. Ангеловски го предводеше тимот на шест натпревари и за него тие значат големо искуство.
„Огромно искуство за сите нас – за клубот, за градот, за навивачите. Лигата на шампионите е како да сте во циркус на Формула 1 – таму имате многу добри тимови, многу добри возачи, но на крајот болидот е тој, кој на крајот треба да донесе победа. Ние како да имавме стар болид. Добри гуми, но стар мотор. За во Лигата на шампионите да постигнете резултат треба да бидете постојано таму и морам да потенцирам дека со длабок поклон гледам кон успесите и на Пелистер, во подалечно време, и на Металург, и на Вардар, кој освои и две шампионски титули. Но и Вардар за да стигне до нив мина тежок пат, неколку години се градеше таа екипа. Ќе потенцирам – огромно искуство за некои понатамошни резултати.“
НИЕ ЌЕ БАРАМЕ ВАЈЛД-КАРТА, ЕХФ НЕКА ОДЛУЧИ
Македонскиот ракометен првак во следната сезона нема да има загарантирано место во групната фаза од Лигата на шампионите, па за да имаме претставник Еурофарм Пелистер ќе треба да побара вајлд-карта, во спротивно ќе има сигурен настап во групната фаза во Европската лига.
„Еурофарм Пелистер како клуб ќе побара вајлд-карта, а дали ќе ја добиеме тоа нека одлучи ЕХФ. Ние имаме обврска затоа што првенствено претставуваме една ракометна нација. Македонската јавност се чини дека не е свесна за некои работи. Не се успехот или неуспехот на Еурофарм Пелистер сезонава одлучувачки фактор. Еурофарм Пелистер играше во групната фаза од Лигата на шампионите благодарение на резултатите и двете шампионски титули на Вардар, а единствена причина поради која македонскиот шампион го губи правото да игра во ЛШ е забраната од една сезона на Вардар за настап во елитното натпреварување. Истото се однесува и за другите европски клупски купови. Како стигна Алкалоид да игра директно во групната фаза од Европската лига? Врз основа на резултатите кои Еурофарм Пелистер ги имаше изминатите години во ова европско клупско натпреварување, односно на сметка на претходно создадените резултати од екипите кои настапувале во Европската лига.“
ТИТУЛАТА Е УСПЕХ НА КОЛЕКТИВОТ
Бројните титули и индивидуални награди од играчката кариера, Бранко Ангеловски сега ги надополни и со прва шампионска титула како тренер на една суперлигашка екипа. Сепак, стратегот заслугите ги препишува на целиот клуб.
„Сами коцките се наместија јас да бидам тој кој ќе биде тренер, но морам да кажам дека не сум сам, ниту сметам дека сум тој вистинскиот кој направи за да бидеме ние шампиони. Зад мене стои една армија навивачи, стои општина Битола, која несебично го финансира градскиот спорт. Имаме одличен спонзор, фамилија Стерјеви. Колку и да бидам скромен, морам да потенцирам дека е привилегија да работам со вакви луѓе. Искрено, не сум видел во мојата играчка кариера толкава радост на една фамилија да и причинуваат клупските успеси. Секој натпревар се следи од тринини, на секој пораз – жалевме заедно, на секоја победа се радувавме заедно и таа енергија може да ја почувствуваат сите и играчи и навивачи и стручен штаб, а јас само се случи да бидам на таа прва позиција – тренерската. Тука не смеам да го изоставам Звонко Шундовски, во кој имам одличен ментор и во секој момент знам дека ако го прашам нешто ќе добијам искрен одговор. Нашата комуникација е таква сам сум додека не побарам помош, но кога ќе побарам совет, тогаш добивав насока која знаев да ја испочитувам и која носеше плод. Една комплетно колективна работа не направи шампиони.“
ЗА ТРИ ДЕНА СТАНАВ ТРЕНЕР
„Кога ќе се навратам наназад многу среќно дојдов во Еурофарм Пелистер. Претходно две години бев дел во проектот Алкалоид/Мулти Есенс, но не ми го продолжија договорот и мислев ќе одморам малку од ракомет. Стигна повикот од Зоран Стерјев и ја превземав функцијата на спортски директор во Еурофарм Пелистер – исклучително макотрпна работа во која мора да бидеш врската меѓу екипата и финансиерите. Потоа сосем спонтано, за три дена станав тренер. По заминувањето на Јовиќ, паметам беше понеделник и дојдовме на итен состанок кај Стерјев и тој вели: Дали можеш да ја превземеш екипата до сабота, за да не брзаме во донесување на одлука за нов тренер и потоа да имаме проблем? Му велам добро. Игравме во средата натпревар со Келце во ЛШ, потоа во саботата суперлигашки дуел со Мулти Есенс во „Автокоманда“ и јас им се заблагодарим на играчите за тие неколку дена што работевме заедно. Следуваше ЕХФ недела, голем дел од нив беа со репрезентациите, а ние стручниот штаб и спонзорот баравме тренер. Стерјев ми вели: Добро е, ајде да оставиме уште малку простор, до полусезона. На полусезона, претседателот ме повика да ми каже дека повеќе не бара тренер, а и дека менаџерите не му нуделе некој. Оценката од сите е позитивна, се чекаше единствено на мене да кажам дали сум подготвен за предизвикот? И така станав тренер на Еурофарм Пелистер.“
Дали Ангеловски е долготрајно решение за клупата на Еурофарм Пелистер?
„Искрено немам договор, но имам џентлменски однос со првите луѓе на клубот. Едноставно не гледам потреба дека за клубот во кој сум пораснал, во кој сум ги направил првите ракометни чекори и кој ми дал многу, пред се ветер во грб за да излезам надвор од Битола и да се докажувам во други земји ми е потребен договор. Работам како да ќе бидам десет години во клубот и сугерирам, други одлучуваат, за некоја подалечна иднина, но свесен сум дека за десет минути можам да бидам сменет. Тоа го сметам за нешто нормално во мојата професија и ќе ја земам за пример ланската сезона која ја завршив без ниту еден пораз во Првата лига, но знаев дека ќе бидам сменет, се чувствуваше тоа. Но, во ниту еден момент не влијаеше на мојата работа со екипата. Никогаш нема да бидам тој што ќе го кочи развојот на некој клуб, а особено не на клубот од мојот град. Ако почувствувам такво нешто сам ќе се тргнам, но засега како стојат работите ќе бидам тренер.“
БИТОЛСКИТЕ ДЕЦА ДА СЕ ВРАТАТ ДОМА
Бранко Ангеловски и Звонко Шундовски се „добитна комбинација“. Тандемот претходно во променети улоги работеше во Констанца, а сега соработуваат и за доброто на матичниот клуб.
„Со Звонко пред се имам одличен човечки однос. Тој ме познава од дете, ме порасна, како мал сум ги следел неговите настапи за Пелистер. Во кариерата патиштата на неколкупати ни се спојуваа, ми беше тренер во Пелистер, во Констанца, истовремено и во репрезентација. Потоа продолживме со соработка во Романија, а сега таа одлична комуникација и ракометна визија која ја имаме ја остваруваме во Еурофарм Пелистер.“
Дел од заедничката визија е враќање дома на битолските деца?
„Да, тоа е цел, амбиција. Додека бев надвор од Македонија често гледав дека има некои деца кои можат многу да дадат на клубот од кој потекнуваат, но од различни причини не биле дел од истиот или, пак, не бил моментот. Сега веќе можам слободно да кажам дека враќањето на Филип Кузмановски во Битола е нешто на што работев уште како спортски директор. Имавме неколку средби уште пред почетокот на сезонава во кои му го потенцирав токму тоа, дека сега е вистинскиот момент да се врати дома, во матичниот клуб. Но сакавме да се испочитува ликот и делото на Филип Миркуловски, кој се зазеде за Кузмановски во Вецлар. Чекавме вистински момент за да се врати во Еурофарм Пелистер и мислам дека не згрешивме. Што се однесува до Никола Митревски, со него имавме соработка во Констанца и тој памети и не заборава некои мои постапки и дела кон него и сега иако имаше понуди и од Порто за да остане, но и од клубови од Германија и Франција, тој беше дециден и кажа дека сака да се врати во Битола“, открива детали од трансферите на македонските репрезентативци, Ангеловски.
Еурофарм Пелистер се збогуваше со седуммина играчи на крајот на сезонава, каков ќе биде ликот на новиот шампионски тим?
„Сакавме да се задржи актуелниот ростер, но не спречивме никој кој сам сакаше да замине од клубот. Во овој момент ни недостасува само пикер или одбранбен играч на местото на Денис Василев. Го имаме Павле Атанасиевиќ кој последниве шест месеци одигра добра улога, има голема желба, млад е и учи и мислам дека тој е нашата иднина. Самоил Ристовски кој поради повреда го пропушти вториот дел од сезоната и сега се враќа исто така би можел да биде во комбинација. Единствено ми е жал што Марио Танковски заминува од клубот, затоа што мислам дека за година – две во комбинација со Петар Атанасијевиќ ќе бидат одличен тандем. Заеднички се договоривме да не се кочи неговиот развој и да оди во средина во која ќе има поголема минутажа. Му посакувам се најдобро и сигурен сум дека ќе имаме можност повторно да соработуваме во иднина.“
ВО ВТОРИОТ ТИМ ИМА КОНЦЕНТРИРАН КВАЛИТЕТ И НЕИСКУСТВО
Еурофарм Пелистер се „храни“ со млади играчи од втората екипа, но во овој случај проблем е неискуството.
„Жалам што вториот тим не влезе во плеј-офот затоа што тоа искуство со играње со силни екипи како Вардар, Алкалоид, Охрид, Тиквеш… ќе беше од големо значење за нив. Покрај Самоил Ристовски, од тој тим како иднина ги гледам Калајџиоски, Белистојановски, Мирчевски… пријатно сум изненаден од Иван Младенов. Тоа се млади играчи и треба многу работи да се поклопат. Не може секој млад играч да издржи притисок, но може еден-двајца да повлечеме во првата екипа. На едно место е концентриран квалитет со концентрирано неискуство и потребно е време. Првиот тим од таа втора екипа ги доби браќата Атанасиевиќ, Петровиќ, Ѓорѓоски и тоа многу кажува за тоа колку добро се работи со таа екипа. Верувам дека имаме костур од млади македонски играчи кои сигурно за брзо време ќе бидат и стандардни репрезентативци на Македонија.“
НАВИВАЧИТЕ СЕ НЕИСЦРПЕН ИЗВОР НА ЕНЕРГИЈА И ЉУБОВ
Битола „дише“ за ракомет и тоа се чувствува на секој чекор на Широк сокак, но и се гледа на секој натпревар на Еурофарм Пелистер, без разлика дали игра дома или на гости.
„Шампионската титула премногу им значи на навивачите, на градот. Енергијата што ја добиваме од публиката е огромна, со самото тоа што доаѓаат на гостински терен може да се види взаемната љубов. Она што се случи во Охрид, не знам дали се има случено во Македонија, на првенствен натпревар на гостински терен да има илјада навивачи – полна трибина битолски навивачи, како да играме дома. Огромно е значењето затоа што се победија две екипи од Скопје, тоа уште повеќе дава на тежина и тоа што се победи историски голем противник – Вардар. Еурофарм Пелистер е еден од ретките клубови кој е од еден град, каде општината е еден финансиер, поголемиот дел е на главниот спонзор Стерјев, кој е од Битола. Клупскиот директор е Звонко Шундовски е од Битола, тренерот Бранко Ангеловски потекнува од Битола и капитенот Филип Кузмановски е од Битола. Тоа е некоја нишка, ненамерно создадена, но која ја засилува уште повеќе врската со навивачите. Сега и со доаѓањето на Никола Митревски и ако ни се приклучи и Самоил Ристовски, се надевам можеби и со трет домашен голман тоа ќе биде уште поизразено. Притисок од навивачите немаме. Самото име – Пелистер, те тера на резултат, на освојување трофеј и таков е градот. Тешко е – ќе направам споредба со Хајдук, кои е име и денеска, а беше и во Југославија и не може да стане шампион. Малку е потешко да се бориш со екипи кои се поголеми од тебе. Во нашиот случај целата таа енергија доаѓа од позадина, од навивачите и јас сум преблагодарен за тоа и се надевам дека во иднина ќе имаме уште поголема поддршка од нив.“
МАЛКУ СЕ СЛУШАМ СЕБЕ СИ
Стратегот на Еурофарм Пелистер кога ја анализираше сезоната беше особено самокритичен, па дури и потенцираше неколку свои грешки, за кои си замерува.
„Најмногу се каам што во одредени ситуации малку се слушам себе си. На пример Каспер Кисум не требаше да игра со Загреб. Имаше три шута и сите три беа без реализација. Од денешен аспект си велам зошто таа шанса не му ја дадов на Ѓорѓоски? Тој можеби ќе дадеше гол, но и да не дадеше, ќе беше тоа затоа што го чекам, затоа што е наш и е иднина на македонскиот ракомет. За некои работи не се послушав себе си и сум самокритичен, си ги земам како моја вина. Слично е и со финалето од Купот против Алкалоид, каде имав две грешки. При резултат 19:19 сакав да играме „7 на 6“, но во игра беше Марио Танковски. Во ситуација каде често и брзо бевме во позиција на пасивен напад немав можност за таква ротација бидејќи со Марио не сме работеле на тоа. Втора грешка: малкумина знаат и ме прашуваат, зошто Дејан Манасков не шутираше пенал? Дејан беше петти! Да, и Панчев беше петти, и ако промашеа Белодедиќ и Савичевиќ, немаше да стигне Панчев да шутира пенал. Ние два дена трениравме пенали. Во изборот од седум играчи двата најдобри пеналџии промашија – Кузмановски и Радивојевиќ, така што јас нема што да му се лутам на Ѓорѓоски или зошто Пешевски, Тајник или Манасков не шутирале пред него. Тоа се мои одлуки и јас ја носам одговорноста. Сакам да потенцирам дека ретки се играчите како Манасков. Во 59-тата минута му велам, влегуваш во игра и тој како од пушта стана, а слушам дека имаме играчи кои бегаат од таква одговорност. Манасков го бараше последниот шут, тој воопшто не бега од одговорност“, дециден е Ангеловски и продолжува: „Со тие што ја носат играта, со тие сум секогаш во некој таканаречен конфликт. Строг сум и она што сум го зацртал сакам да се исполни во рамките на реалноста, ако нешто не оди, не може на сила. Најмногу викам по Филип Кузмановски и со него сме секој ден во ’војна’. Истото важи и за Богдан Радивојевиќ, за Цехте, но едноставно со нив таква ни е комуникацијата затоа што од нив и најмногу барам. Кога сме во ситуација стани – падни, јас точно знам со кој играч треба да се игра, со кој играч треба да дојдам во позиција. Искреноста моја кон нив и нивната кон мене, се чусвтвува. Некогаш ми велат тренер може ли?, јас им велам – може без да знам што ќе ме прашаат. Но доаѓа момент, кога им велам од денеска нема веќе може – комплетно посветени, не ме интересира ништо надвор од тоа, и тие точно знаат како професионално да одработат.“
Ракометарите на Еурофарм Пелистер веќе се на одмор, додека Ангеловски и Шундовски го прават планот за подготовки за следната сезона, кој вели.
„Стартуваме на 24 јули, а потоа две недели ќе сме во Маврово на подготовки. Веќе е потврдено учеството на турнирите во Охрид, Струга и Добој преку кои ќе ја темпираме формата и се надевам дека во најдобра форма ќе ја дочекаме новата сезона.“
ВЕРУВАМ ВО ДОБАР НАСТАП НА ЕП
Бранко Ангеловски малку ќе одмори летово, затоа што веќе од понеделник заедно со селекторот Раде Стојановиќ ги чекаат подготовки со машката младинска репрезентација и настап на Европското првенство во Словенија.
„Тоа е континуитет на тригодишна работа. Се почна од ЕХФ Шампионатот во Варна, каде бевме заедно со Раде, но и со нашиот покоен другар Доне (Андон Бошковски). Во нашата соработка никогаш немало кој е селектор, а кој е помошник, ние едноставно соработуваме со една јасна визија – успех. Секој си имаше своја задача, свои одговорности, направивме добра хемија која вроди со плод. Потоа следуваше првенството во Литванија, кое го освоивме и си овозможивме учество на СП лани, каде завршивме деветти и годинава играме на ЕП. Самите играчи ја препознаа нашата искреност, љубов и страст кон ракометот. Почитуваат некои принципи кои ги поставивме со Раде, знаат како функционираме кога сме на подготовки, посветени се, децата растат, но навиките остануваат.“
Македонија на ЕП ќе биде дел од групата А со Австрија, Црна Гора и Хрватска. Кои се очекувањата?
„Оваа генерација преминува од кадетска во младинска конкуренција. Радува што играчи кои се во селекцијата играа добра улога сезонава во своите клубови во домашната лига – Белистојановски, Галески, Стојановски, Брестовац… и самото тоа ни дава за право и обврска да мислиме и да се надеваме на нешто повеќе. На СП имавме два порази и двата од скандинавски земји – Норвешка и Данска. Одигравме одлично на СП, но не може врз основа на тоа да градиме амбиции за ЕП. Мора да бидеме здрави пред се, а тоа се надевам дека ќе донесе и резултат. Направивме некоја хемија, атмосфера во екипата и круг, во кој тешко се влегува, а уште потешко се излегува. Секој си направи своја алка и има улога во синџирот, што го прави нераскинлив. Верувам дека токму тоа ќе биде рецептот за успехот.“