Имнадзе: Нашата предност против Вардар Неготино ќе биде домашниот терен

Ракометарите на Прилеп в сабота пред својата публика ќе го пречекаат незгодниот тим на Вардар Неготино во натпревар од 6. коло од суперлигашкиот плеј-аут.

Прилепчани се лидери на табелата во борбара за опстанок, имаат биланс од четири победи и едно реми. Составот на Божидар Мојсов со евентуална победа над неготинци веќе ќе направи голем исчекор кон посакуваната цел – задржување на суперлигашкиот статус.

Десното крило на Прилеп, Левани Имнадзе го најави дуелот со Вардар Неготино, истакнувајќи дека верува во победа на својот тим, но и во голема поддршка од публиката, која се очекува да биде во голем број за утрешниот дуел, кој можеби ќе биде одлучувачки за прилепските ракометари.

,,Вардар Неготино не е лоша екипа, имаат неколку искусни играчи, добро се покриени на сите позиции, ние ќе се обидеме да победиме и да го задржиме лидерското место во плеј-аутот. Двапати игравме со нив во регуларниот дел од сезоната, еднаш победивме, таму на гости загубивме, па ќе биде доста интересен и неизвесен дуел, но мислам дека нашата предност е домашниот терен и дека ние ќе ги освоиме бодовите. Ги повикувам навивачите на Прилеп да дојдат во што поголем број и да ни дадат поддршка за овој важен натпревар”, изјави Имнадзе.

Грузискиот интернационалец вели дека се чувствува одлично во Прилеп.

,,Задоволен сум од условите во Прилеп, сѐ функционира одлично, тренинзите се навистина интересни, секој ден учиме нешто ново, во Прилеп се чувствувам многу добро и одлучно бев прифатен од екипата како нов играч”, заврши Имнадзе.

Натпреварот меѓу Прилеп и Вардар Неготино ќе се одигра утре со почеток од 18:30 часот во спортската сала при СОУ “Ристе Ристески-Ричко”. Влезот за сите љубители е слободен.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ПРИЛЕП861121
2ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 2860221
3МРК КУМАНОВО861120
4ВАРДАР НЕГОТИНО850315
5МУЛТИЕСЕНС841314
6ГОЛДЕН АРТ821510
7СКОПЈЕ 202092076
8АЕРОДРОМ90092