Илиев даде 15 гола, Бисинов подобар од Младост Богданци

Тимот на Бисинов, кој во следната сезона ќе игра во Супер лигата, во натпревар од претпоследното коло од прволигашкиот плеј-оф на домашен терен беше подобар од Младост Богданци.

Амбициозниот тим од Велес иако уште од поодамна имаше обезбедено влез во елитата, сепак, на денешниот натпревар против Младост Богданци одигра според договореното и триумфираше со пет гола разлика, 33:28.

Избраниците на Никола Бисинов до победата дојдоа со одличната игра во вториот дел, на пауза резултатот беше нерешен, 15:15. Гостите од Богданци немаа решение за расположениот Ивица Илиев.

Искусниот ракометар доминираше на теренот, постигна 15 погодоци и подели неколку асистенции кон своите колеги, а го следеше Никола Димитров со пет реализации. Во поразениот табор прво име беше Никола Роглев со девет погодоци.

Бисинов во последното коло пред своите симпатизери ќе биде домаќин на Јехона од Гостивар. Младост Богданци за последен ривал ја има екипата на Македонија ЃП.