Играчот што ги мачеше Вардар и Македонија заминува од највисокото европско ниво

Во земја во која спортските идоли најчесто носат копачки, Диего Симоне успеа со ракометна топка да изгради статус што во Аргентина се изговара со посебна почит. Тој не беше Марадона, ниту Меси, не го носеше славниот број 10, туку бројот 6 – но за аргентинскиот ракомет, Симоне е токму тоа: симбол, лидер и човекот што ја однесе репрезентацијата на ново ниво.

Неговата професионална кариера полека се затвора. По сезоната 2025/26, Симоне реши да стави крај на настапите на највисоко европско ниво и да се врати дома, во Аргентина, каде ќе игра за својот матичен клуб САГ Балестер. За ракометот тоа е крај на една голема европска приказна, а за Аргентина враќање на човекот што со години беше лицето на „гладијаторите“.

Презимето Симоне во Аргентина одамна значи ракометна династија. Неговите родители, Луис Симоне и Алисија Молдес, играле за националниот тим, а неговите браќа Себастијан и Пабло исто така го носеа дресот на Аргентина. Но Диего беше тој што најсилно ја проби границата меѓу јужноамериканскиот и европскиот врв.

Тој е единствениот аргентински ракометар што ја освоил ЕХФ Лигата на шампионите. Во 2018 година, со Монпелје, направи едно од најголемите изненадувања во поновата историја на европскиот клупски ракомет и го освои трофејот во Келн. Не беше само дел од тимот – беше еден од клучните играчи и МВП на завршниот турнир.

На тој Ф4 турнир, Монпелје во полуфиналето го елиминираше Вардар, во сезона во која многумина сметаа дека македонскиот тим е можеби најсилниот состав во Европа. „Црвено-црните“ тогаш ја бранеа европската круна, имаа шампионска генерација и беа еден од главните фаворити, но францускиот тим направи големо изненадување, го запре Вардар на чекор до финалето, а потоа го освои и трофејот. Токму Симоне беше едно од лицата на таа европска сензација и играч што остана запаметен и кај македонската ракометна публика.

Патот до таму не беше лесен. Симоне почна во САГ Баљестер, потоа мина една сезона во бразилски Сао Каетано, во 2009 година замина во шпанска Торевиеха, а вистинската европска стабилност ја најде во Франција. По две сезони во Иври, од 2013 година го носеше дресот на Монпелје и таму стана еден од симболите на клубот.

Но неговата приказна никогаш не беше само клупска. За Симоне, најважниот дрес секогаш беше оној на Аргентина. За репрезентацијата настапи на шест светски првенства, постигна 122 гола на 34 натпревари и играше на три олимписки турнири – Лондон 2012, Токио 2020 и Париз 2024.

Со националниот тим освои три златни медали на Панамериканските игри, три злата на Панамериканското првенство и едно злато на првенството на Јужна и Централна Америка. Затоа во Аргентина без многу дилеми го сметаат за најголем ракометар во историјата на земјата.

Симоне отворено признава дека имало моменти кога се прашувал дали вреди да се жртвува толку многу. Како млад играч, далеку од семејството, во Европа и со обврски кон репрезентацијата, морал да пропушти многу важни моменти од животот. Но никогаш не се сомневал во својот квалитет. Сомнежот бил повеќе човечки – дали цената на врвниот спорт е преголема.

Најтешкиот удар дојде во 2016 година. Тешка повреда на коленото го оддалечи од Олимписките игри во Рио, токму во период кога влегуваше во најдобрите години од кариерата. За многу играчи тоа би било точка на пад. За Симоне беше пресвртница. Се врати посилен и две години подоцна го освои најголемиот клупски трофеј во Европа.

Во неговите сеќавања посебно место имаат Светското првенство во Шведска во 2011 година, Светското првенство во Египет во 2021 година и квалификациите за Олимписките игри во Токио. Токму пласманот во Токио му беше особено важен, затоа што дојде по повредата и затоа што доби можност да игра на Олимпијада заедно со своите браќа.

Македонската јавност добро го знае Симоне и преку настапите на Аргентина против Македонија. На Светското првенство во 2023 година, Македонија и Аргентина беа во иста група, заедно со Норвешка и Холандија, а Симоне повторно беше едно од најголемите имиња во составот на „гаучосите“. На тој турнир тој беше избран и за играч на натпреварот во дуелот со Македонија, уште една потврда колку значеше за аргентинската игра.

Има и уште една интересна врска со македонскиот ракомет. Во последните години дел од аргентинската репрезентација беше и Николас Боно, кој настапуваше за Вардар, што уште еднаш покажува дека аргентинската генерација на Симоне не беше само јужноамериканска приказна, туку група играчи што оставија трага и во европскиот клупски ракомет.

Последниот натпревар за Монпелје, Симоне го заврши како што посакуваше – со победа. Во дерби натпревар што носеше место на подиумот, Монпелје славеше со 34-30, а Аргентинецот постигна три гола и се прости од француската сцена со емоции, благодарност и победнички крај.

Кога зборува за крајот, Симоне не звучи како човек што жали. Напротив, вели дека од кариерата извлекол максимум. Не му недостига ракометот – барем не засега. Она што најмногу ќе му недостига е соблекувалната по победа, моментот кога тимот дише како едно, без разлика дали станува збор за Монпелје или за Аргентина.

Тоа можеби најдобро ја објаснува неговата величина. Симоне не беше само ракометар со трофеи и статистика. Беше лидер што ја крена репрезентацијата, брат што играше со браќата во националниот дрес, син на ракометно семејство и пример за генерациите што доаѓаат.

Кога го прашале што би му кажал на 18-годишниот Диего, кој ги прави првите чекори во ракометот, одговорот бил едноставен: да му верува на својот инстинкт и да остане свој. Да не го менува тоа што е.

Токму така и ќе остане запаметен – како Диего Симоне, ракометниот „број 6“ што не мораше да биде број 10 за да стане легенда.