Ракометната федерација на нашиот јужен сосед официјално се обрати во Светската ракометна федерација и побара вајлд-карта за настап на Мундијалот во 2025 година.
Грција во бараж дуелот за пласман на Светското првенство 2025 за ривал ја имаше репрезентацијата на Холандија, на првиот натпревар со „лалињата” дојде до победа од 31:27.
Сепак, на реванш дуелот Холанѓаните не дозволија да има уште едно изненадување и целосно ја надиграа Грција триумфирајќи со 31:25.
ИХФ има на располагање само една вајлд-карта, бидејќи втората ја додели на САД уште одамна, како дел од промоцијата на ракометот на оваа земја пред ОИ во Лос Анџелес во 2028 година.
Претходно Србија и Црна Гора официјално побараа вајлд-карта од ИХФ, а сигурно тоа ќе го сторат и Швајцарија, Словачка, Грузија, Фарски Острови…
Од Европа ќе играат 17 репрезентации заедно со домаќините, а познати се вкупно 31 учесник на светскиот собир во Хрватска, Данска и Норвешка.
Ждрепката за групите на Мундијалот ќе се одржи во Загреб од 17:30 часот.