Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, ги одликуваше ракометарите за освоеното сребро на Светското првенство 2025, на кое Хрватска беше еден од домаќините.
Хрватската ракометна репрезентација одигра одличен турнир, надминувајќи ги очекувањата и докажувајќи дека повторно припаѓа на самиот врв на светскиот ракомет.
По неколку драматични натпревари, „каубоите“ стигнаа до финалето, каде што беа поразени од Данска, но со кренати глави се вратија дома.
Претседателот Милановиќ не го криеше своето задоволство од успехот на репрезентацијата, истакнувајќи ја важноста на овој подвиг за хрватскиот спорт.
„Ова е успех каков што ни треба. Секогаш имаме врвни спортисти, но ваквите колективни триумфи носат посебна тежина“, изјави претседателот на Хрватска.
Милановиќ не заборави да потсети дека ова е само почеток. „Сами си ја подигнавте летвичката. Ова сребро долго го чекавме, но сега очекувањата се уште поголеми!“, порача хрватскиот претседател на свечениот прием.