Хрватски репрезентативец е тешко болен – води најважна животна битка!

Хрватскиот репрезентативец Јосип Шарац се соочува со тешка болест и во моментов е надвор од ракометните терени.

Веста ја потврдија од неговиот поранешен клуб Гепинген, но и од неговиот актуелен клуб Татабања, каде дојде минатото лето.

Според пишувањата на „Вечерњи Лист“, Шарац боледува од акутна леукемија и прима хемотерапија во Загреб.

„Нашиот поранешен ракометар Јосип Шарац е тешко болен. За ракометот во овој момент не може да се размислува, рехабилитацијата е приоритет“, напишаа од Гепинген.

Шарац минатото лето се пресели во Татабања, каде што веднаш остави силен впечаток со своите настапи. Сепак, на почетокот на декември заработи повреда на раката, по што клубот најави дека нема да се врати до крајот на сезоната.

Подоцна, од Татабања информираа дека од здравствени причини нема да сметаат на него оваа сезона, нагласувајќи дека неговото здравје е приоритет.

Шарац беше дел од хрватската репрезентација која го освои сребрениот медал на Европско првенство во 2020.