Репрезентацијата на Хрватска со победата над Словенија од 29:26 си обезбеди пласман меѓу најдобрите осум репрезентации на Светското првенство 2025. Освен Хрватска, во четвртфиналето ќе играат уште Португалија, Бразил, Франција, Унгарија, Египет, Германија и Данска.
Словенците имаа посакуван старт, поведоа со 5:0 во воведниот дел, и речиси до последната минута од првото полувреме имаа контрола на играта. Избраниците на Урош Зорман во поголемиот дел од првите 30 минути најчесто водеа со три до четири гола разлика.
Како што одминуваше натпреварот, така Хрватска се враќаше во игра и во 29-та минута направи камбек. Откако Словенија водеше со 15:12, избраниците на Сигурдсон со серија од 3:0 израмнија на 15:15, резултат со кој се замина на пауза.
Следуваше игра гол за гол, па така во 38-та минута беше 19:19, а две минути подоцна, односно во 40-та минута Хрватите со голот на Шипиќ за првпат поведоа, 20:19. Младиот Кузмановиќ фати неколку топки во серија и на негови крила домаќините успеаја да зголемат на плус три во 50-та минута, 25:22.
Токму во овој период, од 42 до 50 минута, Хрватска успеа да го скрши отпорот на Словенците, кои до крајот на натпреварот не успеаја да направат камбек.
Норвешка со победата над Шведска од 29:24 (18:11) го освои третото место во својата група, а тоа значи дека ќе биде подобро рангирана од европскиот шампион од 2022.