ХРС со поддршка за селекторот: Обрван и понатаму ќе ја води Хрватска

Репрезентацијата на Хрватска, која е предводена од екс селекторот на Македонија, Ивица Обрван, не успеа да обезбеди четвртфинале на Светското првенство 2023, откако во последниот натпревар од главната фаза доживеа пораз од Унгарија од 23:22.

Хрватска доколку одиграше нерешено со Унгарија, тогаш ќе беше меѓу најдобрите осум светски репрезентации и ќе имаше можност да се бори за полуфинале.

Бронзената репрезентација од ЕП 2020 покрај тоа што не обезбеди четвртфинале, нема да игра ниту квалификации за Олимписките игри.

Иако јавноста во Хрватска бараше оставка од Обрван, сепак, и покрај неуспехот на Мундијалот, хрватска ракометна куќа преку соопштение му даде целосна поддршка на стратегот на „коцкестите“ истакнувајќи дека тој и понатаму ќе остане на селекторската функција.

,,На новиот селектор, кој, да потсетиме, ја презеде репрезентацијата на само десетина дена пред Мундијалот, во ситуација кога не ги познаваше повеќето играчи, а дел од нив беа повредени и не играа цели два месеци пред настапот во Шведска, не му беше лесно да ја среди целата работа без да го наруши односот на силите и атмосферата во тимот. По ова првенство тој сигурно ќе биде попаметен и не се сомневаме дека репрезентацијата под негово водство во иднина ќе изгледа сосема поинаку. Ивица Обрван е многу добар тренер и не го заборавил својот занает. Низа несреќни околности го доведоа до ситуација каква што немал во својата тренерска кариера, а веруваме дека не треба да се потсетувате дека тој освои се како тренер”, стои во дел од соопштението на ХРС.

Обрван и неговите избранички настапот на Светското првенство 2023 го завршија на 14. позиција.