Antonio Aerradilla Cuenca; Isak Persson;

Херојски камбек на Магдебург за реми против Алборг, Колстад го надигра Загреб

Во неизвесен финиш, екипите на Алборг и Магдебург одиграа нерешено, 33:33, во натпревар од 4. коло од Лигата на шампионите.

Иако домаќините водеа со пет гола разлика во 40 минута, сепак, гостите не се предадоа и се изборија за голем бод. Двете екипи во првото полувреме играа без одбрана, но за нијанса беше подобар домашниот тим, кој во првиот дел даде 17, а прими 13 гола.

Алборг стекнатата резултатска предност од првото полувреме умешно ја одржуваше до 52 минута, потоа поранешниот европски првак успеа да го извлече максимумот и да се врати во игра израмнувајќи на 29:29. Во последните осум минути сѐ можеше да се случи, па дури и Магдебург да поведе, но неизвесниот финиш заврши без победник.

Данскиот шампион следната недела ќе гостува кај каталонскиот гигант Барса, а Магдебург пред своите фанови ќе го угости Келце.

Колстад ја запиша првата сезонска победа, откако на домашен терен славеше над Загреб со 29:25.

Домаќинот до 25 минута наметна свое темпо, кое гостите од Загреб не можеа да го следат. По 15 минути игра, тимот на Колстад имаше предност од 10:6, во 20 минута резултатот гласеше 12:8, а во финишот од првото полувреме Загреб се врати во игра, па така по 30 минути игра резултатот беше нерешен, 13:13.

Во вториот дел се играше гол за гол, на моменти Колстад имаше 1-2 позитива, но избраниците на Андрија Николиќ  до 50 минута секогаш доаѓаа до израмнување на резултатот. По нерешените 22:22, домаќините се одлепија на 25:22 и во тој момент дојдоа до посакуваната цел.

Победничката екипа беше предводена од Бјорн Гудјонсон со 11 погодоци, во поразениот табор се истакнаа Лука Ловре Кларица со осум и Димур Дибиров со седум погодоци.

Колстад во следното, 4. коло од европската елита ќе гостува кај Нант, додека Загреб на свој терен ќе го пречека унгарскиот ПИК Сегед.