Грчевски: Скапо ја „продадовме“ кожата, игравме со ТОП 10 селекција во Европа!

Македонија по вторпат загуби од Полска во бараж двомечот за пласман на СП 2025, овојпат во Битола со 23-21.

Селекторот Кристијан Грчевски вели дека почетокот го одреди текот на натпреварот, но не пропушти да ја пофали атмосферата во салата.

„Скапо ја ‘продадовме’ кожата, се боревме и покажавме карактер, мислам дека можеме уште повеќе и многу подобро. Почетокот можеби беше клучен за целиот натпревар, многу промашени зицери, чисти ситуации и знам дека е од еден вид трема или притисок, не сме навикнати пред ваква феноменална публика. Имаше одлична атмосфера, но мислам дека ќе се навикнеме на ваков начин на игра и ќе продолжиме во нагорна линија. Иако е пораз, загубивме од репрезентација што е во ТОП 10, која има добар ростер и добри индивидуалци. Дадовме максимум, покажавме карактер“, вели Грчевски.

Тој не коментираше многу за иднината на женскиот ракомет и потенцираше дека е задоволен од одиграното покрај двата порази.

„Женскиот ракомет во Македонија не знам дали има перспектива. Со години се зборува на таа тема, но пак ќе кажам игравме со Полска и не смееме да заборавиме дека се во ТОП 10. Примивме малку голови на двата меча, јас сум задоволен лично од одиграното и не можам да им замерам, можеби не сум од некои мали ситници и финеси во играта, но сметам дека од натпревар од натпревар ги поправаме и нив, па се надевам дека за некое време ќе биде се како што треба“, заврши Грчевски.

Следен предизвик за Македонија ќе бидат квалификациите за ЕП 2026, каде сме во група со Германија, Словенија и Белгија.

Македонија вторпат загуби од Полска и го заврши сонот за СП